Владата денеска ќе ја одржи редовната 14-та седница

Сподели

 

Владата денеска ќе ја одржи редовната 14-та седница, на која согласно своите надлежности ќе разгледува повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

Според предложениот дневен ред, на денешната седница ќе се разгледува Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија.
 
На седницата за разгледување е предложен и Извештај од анализата на нацрт-стратешките планови на министерствата и другите органи на државната управа од аспект на формата, содржината и нивната усогласеност со стратешките приоритети во Владата на Република Северна Македонија во 2022 година, подготвен од Генералниот секретаријат на Владата.
 
На седницата, пред министрите ќе се најдат и повеќе предлог програми за работа за тековната година, меѓу кои Предлог-програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој, Предлог-програма за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2022 година, предложени од ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На предлог на Министерството за локална самоуправа е изготвена тригодишната Предлог-програма за спроведување на Стратегијата за регионален развој 2021-2024.
 
На денешната седница пред министрите ќе се најде и Информацијата за предлог структури и Акциски План за воспоставување на систем за индиректно управување од страна на Република Северна Македонија со ИПА средствата согласно барањата од Регулативата за имплементација на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3) за Годишната Акциска Програма за 2022 година.

За заклучоците и одлуките од денешната Владина седница, со почеток во 12:00 часот, јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување.