Во Киев влегуваат руски војници и тенкови

Сподели

 

Од рано утрово руската војска, која што 24 часа претходно ја почна агресијата на Украина, испалуваше ракети на главниот град Киев, а војници и колони руски тенкови неколку часа потоа почнаа да навлегуваат во градот.

Како што извести заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар, нападите со ракети врз Киев почнале околу 4 часот по локално време (5 часот по македонско време).

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, исто така извести за нападот и побара светот да преземе сериозни мерки против Русија.

„Ужасни ракетни напади на Киев. Последен пат кога нашиот главен град искуси нешто слично беше во 1941 година, кога беше нападнат од Нацистичка Германија. Украина го порази тоа зло и ќе го порази и ова. Стоп Путин! Изолирајте ја Русија. Раскинете ги сите врски. Отстранете ја Русија отсекаде“, напиша Кулеба на Твитер.

Три-четири часа подоцна почнаа да навлегуваат колони руски тенкови и војска во градот, коишто во некои случаи и прегазуваат цивилни возила, што може да се види од видеа на социјалните мрежи. Би-би-си ја потврди автентичноста на овие снимки.

 

 

Навлегувањето на руските воени сили во Киев околу 9 часот по македонско време го потврди и украинското Министерство за одбрана.

 

 

Министерството ги охрабрува граѓаните да прават молотови коктели за да се борат, но и советува да се засолнуваат и да не излегуваат од дома. Во голем дел од Киев се слушаат рафални истрели и експлозии.

Сега главната задача на украинските вооружени сили е одбраната на Киев, пренесува агенцијата „Укринформ“.

Вчеравечер и ноќеска се водеа борби помеѓу украинската и руската страна за Киев, на неговата периферија, посебно кај Димер и Иванкив каде што имаше огромен број руски оклопни борбени и транспортни возила.

На северозападот на Киев се водеа силни борби, а украинската страна со последни сили го бранеше воениот аеродром на периферијата.

Од почетокот на инвазијата вчера рано наутро, досега со руските гранатирања, ракетирања и бомбардирања досега, нападнати се 33 цивилни цели, при што се загинати две деца и значителен број повозрасни цивили, според досегашните сознанија, соопшти Вадим Денисенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина.

Инаку, ракетни и други воздушни и копнени напади имаше и вчера вечер и во текот на ноќта на огромен дел од украинската територија. Како што извести Генералштабот на вооружените сили на Украина, воената морнарица води поморски битки кај југозападниот црноморски брег на Украина и се врши одбрана на воените бази и пристаништа во Одеса, Јужни и Очакив. Од 6 часот по локално време, значително е зголемен бројот на руски воени хеликоптери кај Вилково и Тираспол (во регионот на Одеса).

Вооружените сили на Украина уништиле воена опрема на војските на Русија кај Харкив и во неговата периферија, на североистокот на земјата.

Во воздух, военото воздухопловство ноќеска одбивало воздушни напади од непријателот, вршело извидувања со дронови и гаѓало колони на руските војски кај Нова Збуривка, Купјанска, потоа во Нова Каховка (во регионот Херсон), како и напади врз руските десантни единици кај Гостомељ, во киевскиот регион.

Исто така утрово, ракети се истрелани и на укранските граничари во регионот Запорижа, при што има загинати, соопшти Амбасадата на Украина во Скопје.

Територијалната одбрана на Украина го повратила градот Охтирка, а се водат битки со руската војска за градот Суми.