Додека Киев татни од експлозии и од рафални истрели и многу луѓе се во скривалишта подготвени од украинската држава, а дел самостојно се евакуираа од главниот град на Украина, во северниот дел на градот уште се водат битки меѓу украинските одбранбени сили и руските војници и воена механизација што се обидуваат да напредуваат кон центарот на градот, каде се објектите на државната власт – Претседателскиот кабинет, Владата и Министерствата и Парламентот.
Во одбраната на Киев се вклучени и уште се вклучуваат и доброволци – по повикот вчера, неколку часа по почетокот на воената инвазија од Русија на Украина, сите што се способни да носат оружје да се вклучат во одбраната, голем број луѓе се одѕваа на повикот, а и попладнево се пријавуваат за да ја исполнат својата обврска кон државата, пренесува Би-Би-Си.
Украина вчера објави воена состојба на целата територија на земјата и почна регрутација на сите резервисти до 18 до 60 години, а најновиот повик и делење автоматски пушки е за сите оние што не се опфатени во резервниот состав.
Репортерите на британскиот радиодифузер сведочат за мажи во тренерки и во фармерки со автоматски пушки на улиците, на импровизирани пунктови или скриени зад дрвја. Како што се напредува кон периферијата на Киев, се побројни се украинските артилериски орудија и тенкови, свртени кон руските позиции.
Како што соопшти Вадим Денисенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, досега се поделени 18.000 автоматски пушки во Киев. Истовремено, и Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи ги повикуваат жителите на Киев да ги известуваат за движењето на руските трупи, како и да прават Молотови коктели и да го неутрализираат непријателот. Упатства за Молотови коктели, поточно „бензински бомби“ се објавени на профилите на социјалните мрежи на Министерството за одбрана.
Истовремено, Денисенко побара граѓаните да не го снимаат и да не објавуваат за влегувањето на украинска воена техника и оружје во Киев.
Во однос на граѓаните што се кријат во засолништа во Киев, велат дека избегале таму главно ноќеска, кога татнежите биле многу почести и многу посилни отколку претходниот ден, кога руските трупи се упатуваа кон Киев. Тие навлегоа во градот претпладнево, откако претходно врз Киев беа истрелани голем број ракети кои паѓаа и детонираа во населбите, нанесувајќи штети на објекти и сообраќајници.
Како што пренесува Би-Би-Си, се смета дека досега на целата територија на Украина загинале 194 Украинци, од кои 57 цивили.
Како што соопшти украинското Министерство за одбрана, пак, околу 2.800 припадници на руските вооружени сили ги загубиле животите од почетокот на инвазијата, вчера рано наутро. /мета.мк/