Спасовски со честитка: Честит 8 Март – за родово еднакво општество!

Сподели

 

“Дозволете ми да го изразам моето најдлабоко почитување кон сите припаднички на женскиот пол, во чија чест се празнува денешниот меѓународен празник – 8 Март, со посебен пиетет кон вас и кон денешниот ден кој претставува симбол на борбата за права и за еднаквост на жените во целиот свет”, честиташе министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
 
“Наполно свесен за големината на улогата што ја има жената низ годините, улога која ве позиционираше како вистински архитекти на модернoто општество. Вашата интуитивност, епматичност, развиеното чувство на претпазливост и одговорност се само дел од уникатните карактеристики кои ја создаваат вашата додадена вредност во работната средина и во општеството во целост. А наша задача, како креатори на политики е зборовите да ги претвориме во акција за економска и социјална рамноправност, за правична застапеност, што не е задача за само еден ден во годината.
 
Токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност во последниве неколку години многу работи придвиживме во МВР. Се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај. Со секоја генерација се зголемува и бројот на жени – кандидатки на огласите за полицајци, кои се упатени на обука по извршена селекција, благодарение на имплементираниот родов концепт, а имплементиравме и систем на еднакви можности при стручно усовршување, што подразбира родово разделена евиденција. Се работеше и на подигање на родовата свеста преку менторски програми за родова еднаквост.
 
Новиот Колективен договор е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребува родовиот речник и терминологија. Во низата новини во Колективниот договор предвиден е паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност за секое новородено дете на жените вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки.
 
Нашата цел се задоволни полициски службенички и службеници со кои можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето во полза на сите граѓани. Само така, со заеднички заложби и учество во овие процеси ќе го зајакнеме општеството на еднакви граѓани и граѓанки по сите основи.
 
Честит 8 Март – за родово еднакво општество!” – порача министерот Спасовски.