Насилството врз лекарите со загрижувачка димензија, потребно е итно носење на измени на Кривичниот законик

Сподели

 

Вербалното и физичко насилство е сериозен проблем со кој се соочуваат докторите во секојдневното извршување на своите работни активности и потребно е итно преземање на мерки кои ќе придонесат за подобрување на состојбите, апелира Лекарската комора на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 12 Март, Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници. Во Лекарска комора денес се организираше средба по повод одбележување на Европскиот ден на која присуствуваа министерот за здравство д-р Беким Сали, заменик-министерот доц. д-р Владимир Рендевски, претседателот на Фармацевтска комора проф. д-р Бистра Ангеловска и претставник на Стоматолошка комора Јордан Стојаноски. 

Со цел да направи пореално димензионирање на проблемот Комората спроведе анкета во која на електронскиот прашалник испратен до нејзините членови одговорил испратиле 1.061 испитаник, од кои 77,9 отсто одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Висок процент од 76 отсто одговориле дека доживеале некаков некој вид на насилство во последниве 12 месеци. Од вкупниот број на оние кои одговориле позитивно на прашањето дали биле изложени на насилство, 79,9 отсто одговориле дека доживеале вербално насилство со викање и навредување, 34,5 отсто биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, 43 испитаници или 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, а 13 испитаници или 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.

Според одговорите на анкетираните нападот почесто го извршил некој кој бил придружба/роднина на пациент во 63,2 отсто од случаите, додека пациентот извршил насилство во 53,6 отсто од случаите. Во однос на причините заради кои е извршено насилство 52,1 одговориле дека тоа е заради незадоволство на пациентите предизвикано од неисполнети желби за одредена дијагностичка процедура или терапија, а 37,7 отсто е поради административни процедури, како на пример, долго чекање за преглед или неможност да се закаже одредена дијагностичка процедура.

Само 30.9 отсто од анкетираните доктори кои доживеале некаков вид на насилство на работното место го пријавиле инцидентот, најчесто кај својот работодавач (70.6%) и во полиција (42.7%). Поголем дел од инцидентите или 69,1 отсто не се пријавени, а како причина за непријавување на нападот во анкетата докторите наведуваат страв од негово повторување и недоверба во институциите.

„Бројките се загрижувачки, поради што и апелираме за поскоро донесување и ставање во сила на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се смета за напад врз службено лице и по службена должност ќе се води кривична постапка против сторителот. Досега се направени измени на Законот за здравствена заштита, но за ова да почне да се применува во пракса потребно е да се направат и измени на Кривичниот законик за што е подготвен предлог-закон кој е во собраниска процедура на носење. Денеска нa Европскиот ден посветен на подигнување на свеста за борбата против насилството врз лекарите и здравствените работници јавно ги потсетуваме пратениците дека тие се на потег, бидејќи предлог-законот веќе неколку месеци е во собраниска процедура“, истакна претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, додавајќи дека лекарите и пациенти имаат иста и заедничка цел, а тоа е обезбедување, односно добивање на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне единствено преку заедничко делување и соработка.

На денешната средба со министерот за здравство д-р Беким Сали се разговараше и околу преземање на дополнителни мерки, како што се ангажирање на професионално обезбедување и поставување на безбедносни камери, едукација на лекарите за справување со критични ситуации, како и едукација на пациентите во однос на нивните права и обврски во здравствениот систем.

„На овој ден сакам да потсетам дека во пандемијата со коронавирусот здравствените работници се на прва линија на борба со вирусот и нивната улога, вклучувајќи ја и пружената грижа за пациентите е клучна за стравување со вирусот. Недозволиво е во 21 век да има ситуации на напад врз лекари, така што со сиот свој авторитет ќе се заложам за поголема заштита на лекарите и на сите здравствени работници. Од позиција на министер, но и како доктор ќе се заложам заедно со стручната фела за овие законски измени да бидат побрзо донесени и имплементирани во пракса“, изјави министерот Сали.

Лекарска комора во 2017 потпиша Декларација „Стоп на насилство врз здравствени работници“ во Љубљана заедно со коморски здруженија од 15 земји од Централна и Источна Европа, членки на ЗЕВА. По овој настан Декларација – Стоп на насилството врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници. беше потпишана и во нашата земја од страна на Лекарската комора, Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Министерството за здравство.