Сојузот на стопански комори во донаторска акција за Украина

Сподели

 

Сојузот на стопански комори на Македонија дава поддршка на процесот на обезбедување на помош за Украина приклучувајќи се со донација во акцијата која е координирана од Црвениот крст и Министерството за надворешни работи.

Претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски денеска присуствуваше на настан, на кој министерот Бујар Османи информираше за активностите на Владата насочени кон поддршка на украинскиот народ, а амбасадорката на Украина Наталија Задоружњук сподели информации за актуелните состојби во Украина.

“Општествената одговорност на претпријатијата и филантропијата претставуваат императив, тоа се вредности кои ги негува деловната заедница која се стреми кон одржлив развој и создавање на подобро општество за сите, бидејќи никој не егзистира самостојно, туку е дел од пошироката околина со која има интерактивен однос. Во таа насока Сојузот на стопански комори на Македонија со години наназад негува партнерски однос со Црвениот крст и секогаш со посебен интерес се вклучува во неговите акции за донации и обезбедување помош кога тоа е потребно, како и во самостојни акции кои беа особено неопходни во време на пандемија. Денеска светот е исправен пред предизвик каков што не паметиме во поновата историја, и се соочуваме со војна која никој не очекуваше да се случи. Народот на Украина има најголема потреба од поддршка, затоа и сме дел од оваа заедничка акција за обезбедување на финансиска помош”, истакна Ангелоски.

Дел од компаниите кои се членови на Сојузот и самостојно донираа за украинскиот народ, а во нашата организација членуваат бројни компании кои добиле признанија и награди за практикување на општествената одговорност и кои дел од профитот кој го остваруваат го враќаат на заедницата. На денешната средба која се одржа во Логистичкиот центар на Црвениот Крст во Момин Поток, се направи координација околу тоа како ќе се организираат донациите кои во наредниот период ќе доаѓаат од приватниот сектор, со цел да се обезбеди тоа што е најпотребно за украинскиот народ.