Поранешниот бугарски премиер и претседател на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, кој речиси една деценија владееше со Бугарија, e уапсен по примена пријава за изнуда врз контроверзниот бугарски бизнисмен поврзан со казина, Васил Бошков. Според Менко Менков, адвокатот на Борисов, кој зборуваше по средба со претставници на истрагата, јави бугарски „Медиапул“.
Според Менков, истрагата почната вчера нема поврзаност со европското јавно обвинителство, но претходно бугарската полиција изести дека истрагата е поврзана со истрагата на јавната обвинителка на ЕУ, Лаура Ковеши, заснована на 120 дојави. Но адвокатот на Борисов тврди дека станува збор за пријава од граѓанското здружение БОЕЦ поднесена на почетокот на декември минатата година.
Во пријавата се зборува за снимките со купчиња пари и златни прачки во спалната соба на лидерот на ГЕРБ. Обвинителството на Бугарија лани не почна истрага за овој случај, потсетува „Медиапул“.
Бугарскиот министер за финансии Асен Василев вели дека станува збор за пријава од Бошков, како и дека се работи на сомнежите за оштетување на државниот буџет од над 550 милиони лева (околу 220 милиони евра).
Потврда дека станува збор за истрага поврзана со Бошков стаса и од сопругот на уапсената претставничка за односи со јавноста на Борисов, Севдалина Арнаудова.
Веќе две години контроверзниот бизнисмен тврди дека Арнаудова секој месец доаѓала во неговиот дом. Досега обвинителството не се зафати со тие тврдења, означувајќи ги како „заштита“ на обвинет. Бошков изјавуваше и дека дал над 60 милиони лева (нешто помалку од 30 милиони евра) поткуп на Борисов и на Владислав Горанов, поранешен шеф на бугарската УЈП.
Освен Борисов и Арнаудова, уапсен е и Владислав Горанов.
Акцијата против Борисов е сигнал дека нема да има толеранција кон корупцијата, коментира претседателот на парламентот, Никола Минчев. Премиерот Кирил Петков рече дека акцијата на полицијата покажува дека никој не е над законот. Тој рече дека неговата задача била да се даде целосна слобода на истражните органи.
„Во моментот течат проверки од европското обвинителство, но каде е бугарското обвинителство и дали тоа на крајот ќе застане на страната на бугарскиот народ, ќе видиме во следниве денови“, рече Петков./meta.mk