КОЈА Е ЦЕЛТА НА ЗАПАДОТ ВО УКРАИНА? – Мајкл Игнатиев

Сподели

 

Неуспехот на Русија да оствари брза победа над Украина го принуди Западот да размислува кои треба да бидат неговите цели во овој конфликт. Притоа, Западот мора многу да внимава и да балансира помеѓу срамот од тоа што недоволно дејствува и ризикот од стратешка надменост. пишува Мајкл Игнатиев за РесПублика

На сите ни е познато што сака рускиот претседател Владимир Путин да постигне во Украина: да ја избрише оваа земја од картата на држави. Знаеме исто така што сака и украинскиот претседател Володимир Зеленски: да ја одржи Украина во живот, како демократска држава. Прашањето е сега, што сака Западот. Која е неговата стратешка цел?

Досега, целите на Западот беа ставени во рамка која подразбира да не се биде вовлечен во војната со Русија, притоа правејќи сè што е можно за да им помогне на Украинците. Тоа значеше да му се каже „не“ на Зеленски кога тој побара да се воспостави „зона за забранети летови“ која би била воведена од НАТО. Но, воената стратегија на Западот не може да се гради на она што Западот нема да го прави. НАТО и неговите сојузници мора да дефинираат тнр. позитивна цел.

На почетокот на инвазијата, кога многумина предвидуваа брза победа на Русија, Западот можеше да се придржува до доблеста која подразбираше да му се честита на Зеленски и на неговата влада за нивната храброст додека дискретно се подготвуваше да ги евакуира во егзил. Зеленски ја одби понудата, а сега, кога Украинците покажаа што можат да направат, НАТО ѝ доставува противтенковски и противвоздушни ракети на оваа земја и истовремено споделува воени разузнавачки податоци со украинските команданти.

Западот влезе во тнр. „прокси“ војна каде целта е дефинирана од оној кој ја има улогата на прокси (посредник). Кога на овие посредници работите им одат добро, станува примамливо да се почне со предвидување и на поамбициозни цели – од тоа противникот да се принуди на понижувачки ќор-сокак па сѐ до промена на режимот. Сепак, ова го зголемува ризикот од стратешка надменост. Ние ризикуваме да заборавиме дека Русите имаат долготрајно искуство во тоа да поднесуваат економски тешкотии. Тие можат да поднесат голема економска казна пред да се кренат против режимот. Исто така, надмено е и да се предвиди дека интерниот круг на Путин ќе се крене и ќе го симне од тронот.

Прерано е да се заклучи дека Путин ја губи војната. Тој веќе се префрли на подеструктивни и поефективни тактики, преку ужасното уништување на градовите Мариупол и Харков, што е можен предвесник на тоа што може да се очекува дека би се случило со Киев. Ниту Западот ниту неговиот прокси не се во позиција да објават промена на режимот како своја стратешка цел, бидејќи тоа би ризикувало да се испровоцира Путин да продолжи со уште понасилна и поопасна ескалација.

Западот си честиташе самиот себеси за сериозноста на режимот на воведени санкции, но тие се оружје што ги засега двете страни. Секој западен лидер знае дека повисоките цени на бензинот ќе значат политички проблеми дома, особено во изборна година. Ако Западот дополнително го намали увозот на руска енергија, или ако Русите сами ја сопрат испораката, ќе дојде до рецесија па дури и до депресија.

Западните лидери можеби се загрижени за веројатно долгорочното економско влијание кое би го имале санкциите, но тие исто така знаат дека фокусирањето само на своите економии – а со тоа и на својата политичка иднина – на сметка на Украинците би било срамно, и тоа не само за Украинците. Во време кога војната доведе до гнев кај западните електорати и тоа во невидени размери, спасувањето на економиите на Западот преку жртвување на Украина е лоша политика и лоша стратегија.

Ако победата Русија е нешто што сè уште може да се спречи, Западот ќе треба да ја засили својата помош наменета за украинската војска за да го доведе Путин до крвав ќор-сокак, заедно со постигнат договор кој остава барем дел од Украина недопрен и под контрола на владата на Зеленски.

Дури и во ваков случај Западот треба да се подготви за најлошото, а не да се надева на најдоброто. Најлошото би било падот на владата на Зеленски, по долготрајна опсада и бомбардирање на Киев. Снабдувањето на Украина со противвоздушни, противракетни и противартилериски капацитети е од суштинско значење за да се прекине опсадата. Но, ако и тоа не успее да ги задржи Русите, Западот ќе треба да одлучи дали може да биде пасивен набљудувач на бомбардирање на претседателската палата и на уништување на демократски избраната влада. Падот на владата на Зеленски ќе му ја овозможи на Путин победата што му е толку потребна; тоа исто така ќе му овозможи да ја збрише Украина како суверена држава и да започне со русификација на новоосвоениот народ.

Ова веродостојно сценарио е нешто што на западните лидери треба да им даде стратешка и морална јасност. Стратешката цел на Западот во оваа војна треба да биде да ја зачува владата на Зеленски. На тој начин, Западот ќе може да ја спаси Украина. Секој обид на Русите да ја уништи владата на Зеленски треба да биде црвената линија на Западот: моментот кога ќе му биде испратена порака на Путин дека, ако не престане, Западот ќе одговори со сила.

Западните политички лидери имаат можност да донесат одлука во врска со оваа стратешка порака на самитот на НАТО кој се организира оваа недела. Ако успеат да постигнат консензус, тогаш военото раководство на алијансата ќе треба да подготви тактички планови за јасно и гласно пренесување на ваквата порака.