ДЗС: Во Северна Македонија живеат 1.836.713 граѓани, од нив 58,44% Македонци и 24,3% Албанци

Сподели

 

Вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1 836 71 жители. Од нив, 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи, информираат од Државниот завод за статистика.
 
Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 % – се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.
 
Според изјаснувањето за етничка припадност, 58.44 % проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % проценти како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1.30 % како Срби и 0.87 % како Бошњаци и др.
 
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
 
61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.
 
Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.
 
Во рамките на Пописот 2021 беше овозможено македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација која беше достапна на веб-страницата за Попис.
 
Оваа можност ја искористија 258 932 наши сонародници од кои 24.55 % се изјаснија како Македонци, 66.42 % како Албанци, 4.78 % како Турци и др. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија.
 
Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa, како што беше речено на свеченоста,  по речиси 20 години е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од Пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики, соопштија од Владата.

 

И Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување, јави дописничката на МИА од Брисел.

По објавувањето на резултатите од пописот, портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, за МИА изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен првпат од 2002 година.

– Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани, изјави Писонеро за МИА.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски на денешната презентација на резултатите посочи дека кампањата за бојкот на пописот негативно влијаела врз целата операција.

„Пописот го правевме среде лето и пандемија. Кампањите нанесоа штета, не корист. Кажувавме и тогаш, но се извршуваше работата. Нашата намера беше од старт да видат која е потребата од пописот. Не се проблем граѓаните кои подлегнаа на кампањата, туку тие кои ја спроведоа“, изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Тој додаде дека имало земји коишто имале многу поголем неопфат при спроведените пописи. Покрај теренската работа на попишувачите, податоците од пописот се споредувале со девет бази на податоци.

Инаку, за време на спроведувањето на најважната статистичка операција, која не беше спроведена речиси 20 години, на социјалните мрежи се водеше исклучително силна кампања за бојкотирање. Оваа кампања изобилуваше со дезинформации и постојат индикации дека беше оркестрирана како од внатрешни така и од надворешни центри на моќ.