Ковачевски на Делфи форумот во Грција ќе се сретне со Ескобар, Лајчак и Курти

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација на седмиот Делфи економски форум во Грција.

На Делфи економскиот форум, денеска премиерот Ковачевски ќе оствари работни состаноци со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со косовскиот колега, Албин Курти.

Дополнително, предвидени се средби и со поранешниот британски премиер Тони Блер и со поранешниот премиер на Грција и лидер на „Сириза“, Алексис Ципрас.

На Форумот се присутни и премиерите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, со што и оваа година предвиден е посебен дел посветен на Западен Балкан. На седмиот „Делфи економскиот форум“ насловен „Нови Реалности“ потврдени се скоро 800 говорници од над 36 земји. Опфатени се низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството и културата.