“Аурум Лав Арт” – Изложба на дела од 20 уметници со тематика ЉУБОВ

Сподели

 

Креирана во ноември 2020 година од двоецот Марија и Владимир Костовски (позади кои стои и Продукцијата Златен Заб), платформата АУРУМ (auroom.store) е единствена од таков вид во Македонија која нуди извонредни можности за сите македонски ликовни уметници, скулптори, графичари, цртачи, резбари, фотографи, дизајнери, писатели, музичари, театарски и филмски работници да ги изложуваат и продаваат своите дела и рачни изработки онлајн.

На 18-ти и 19-ти април во галеријата КО-РА, при домот на културата Кочо Рацин во Скопје, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата АУРУМ ЛАВ АРТ (AUROOM LOVE ART) на која ќе бидат претставени делата на 20 уметници од платформата Аурум со тематика ЉУБОВ.  

 

 

Денес Магазин: Како дојдовте до идеја за платформата АУРУМ?
Марија Костовски: Поради ковид пандемијата 2020 година, период на карантин и строгите мерки, на уметниците им се скрати можноста да ги продаваат и изложуваат своите дела во галерии и ликовни салони, бидејќи истите беа затворени, а културните настани и манифестации беа откажани.
Токму во тој период  започна приказната за АУРУМ, со цел да им помогнеме на уметниците да продолжат со својата работа, т.е. да имаат свој простор каде би ги изложувале своите слики, скулптури, и други уметнички продукти, а воедно и би ги продавале онлајн.

Исто како што во светот постојат платформи како на пр. Ебеј, Амазон и слично, каде може од било која земја во светот да си нарачате и купите производ и да ви биде доставен на домашна адреса, истото тоа е и со Аурум, но на Аурум се продава само уметност.

Би сакала да споменам дека за оваа услуга не земаме никаков процент од уметниците, а работиме со многу љубов и посветеност. Убавината е во тоа што секој уметник има своја виртуелна галерија (која е неограничен простор) и постојано ја надополнуваме со нови работи кои уметниците ги креирале.
И еве речиси 2 години креираме заедно успешна уметничка приказна.

Денес Магазин: Што се нуди оваа платформа?
Марија Костовски: Платформата АУРУМ (auroom.store) е единствена од таков вид во Македонија која нуди извонредни можности на сите македонски ликовни уметници, скулптори, графичари, цртачи, резбари, фотографи, дизајнери, писатели, музичари, театарски и филмски работници да ги изложуваат и продаваат своите дела и рачни изработки онлајн. На Аурум има за сите љубители на уметноста посебни соби.

Првичната селекција е на: АРТ РУМ (ART ROOM) – соба за уметност; БУК РУМ (BOOK ROOM) – соба за книги, ТИАТР РУМ (THEATER ROOM) – соба за театар и МЈУЗИК РУМ (MUSIC ROOM) – соба за музика. А потоа, во секоја од нив има подкатегории за различни видови уметност. Во моментов има над 50 уметници од Македонија, а за секој од нив е креирана виртуелна галерија (на македонски и на англиски јазик) каде заинтересираните можат да ги погледнат изложените дела и да ги купат онлајн.

 

Денес Магазин: Освен виртуелна галерија, на уметниците им организирате и групна изложба која ќе се одржи на 18 и 19 април 2022 година во галеријата КО-РА, при домот на култура Кочо Рацин во Скопје. Кој се ќе земе учество на оваа изложба?

Марија Костовски: Изложбата е помогната од Министерство за култура, а ќе се реализира со слики и скулптури на тема љубов од 20-тина уметници од платформата Аурум. 
Уметниците се речиси од сите градови од Македонија: Тетово, Велес, Штип, Прилеп, Кочани, Гевгелија, Скопје и една уметница од Украина. Некои од нив се професори, други архитекти, трети скулптори, сликари, некои се млади, други возрасни, со и без работно искуство, има самохрани мајки, борци со канцер, хуманисти, заштитници на животни и љубители на природа. Луѓе кои придонесуваат за развој на културата и уметноста во нашата земја.

Со свои нови ликовни дела ќе се претстават уметниците: Андријана Мациев, Бојана Артиновска-Трпческа, Игор Љубовчевски-Љубац, Трајче Воинов, Гордана Винчиќ, Снежана Мелник, Блаже Донев, Теодора Мирчевска,  Христина Тарабунова ко колаборација со Вања Головски, Ружица Парсонс, Сара Стаменковиќ, Маргарита Василеска, Горан Панов, Оливера Симеонова, Маја Андонова-Јокиќ, Тања Волцис, Теодора Ставрова, Надица Петрова, Ирена Лозана и скулпторот Андреј Митевски.


Денес Магазин:
 Што ќе понуди Аурум Лав Арт (Auroom Love Art)?

Марија Костовски: Љубовта е опиумот на уметноста. Минатото крие неизбришливи траги од љубовната тема во уметноста, но ни модерното време не може да му одолее на магнетот на љубовта и да го вгради во својот платно крој. Поради негувањето на културната разноликост, со оваа групна изложба ќе се јакне капацитетот на уметниците на независната сцена.
Изложбата ќе побуди критичко размислување и кај учесниците и кај посетителите. Можност за претставувње пред публиката што ќе им овозможи на уметниците продажба на уметничките дела. Повелете, посетете ја изложбата.