Афирмација на културата и традицијата „Креативни и иновативни занаети за млади“

Сподели

 

Центарот за локални иницијативи од Битола, под покровителство на Министерството за култура, за прв пат организира летна школа во рамките на проектот „Афирмација на културата и традицијата преку креативни иновативни занаети за млади“. Целта на проектот е младите да се доближат до старите занаети и да се поттикнат да направат спој меѓу старото традиционално и новото модерно, со што би се спречило изумирањето на занаетчиството.

На проектот ќе се работи цело лето. Во првиот дел од летната школа, младите креативци, низ практична настава со своите ментори, ги работат техниките за изработка на везови, филигран и накит со мотиви од фолклорот и културата, изработувајќи производи од сребро, текстил и глина.

Во вториот дел ќе се работи на креирање дигитална платформа каде што ќе бидат поставени сите материјали кои се резултат од овој проект – за да можат и оние што не се вклучени во школата, а кои ќе пројават интерес, да видат и да совладаат дел од вештините, а притоа да се мотивираат да ги изучуваат овие занаети во иднина.