Агенцијата за млади и спорт во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), подготвува Национална стратегија за млади за периодот 2023 – 2027 година.
Процесот на подготвување на стратегијата опфаќа онлајн консултативни процеси, како и организација на настани и тематски работни групи во периодот од октомври до декември 2022 година.
Во процесот ќе бидат вклучени сите засегнати страни за младински политики: државни институции, младински организации, образовни установи, донаторска заедница и локална самоуправа.
Сите заинтересирани млади лица (од 15-29 години) и лица кој сакаат да дадат свој придонес во изработка на Националната стратегија за млади 2023 – 2027 година, во приоритетните области:
- Младинско учество,
- Младинска работа,
- Младинско информирање,
- Претприемништвои поддршка пред вработување,
- Здравје,
- Култура,
- Образование и
- Безбедност
можат да се пријават со пополнување на googlе формата на следниот ЛИНК. Исто така, заинтересираните лица можат да се пријават за учество во повеќе приоритетни области.
Рокот за аплицирање е 5-ти октомври 2022 година.
Трошоците (пат и сместување) за учество во работните групи ќе бидат покриени од страна на организаторот.
Директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски на денешната прес-конференција по повод почетокот на изработката на националната стратегија, посочи дека целта е дефинирање на стратешките приоритети, како што се младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и поддршка при вработување, безбедноста.
-Агенцијата за млади и спорт како носител на активностите за креирање на национална стратегија за млади, низ инклузивен и транспарентен процес, заедно со младите, институциите, претставниците, службениците, младинските здруженија, организации и претставници на форуми за млади на локално ниво, ќе ги дефинираме стратешките приоритети во оваа област. Водечки принципи кои си применуваат во сите политики и активности, а се однесуваат на младите се еднаквост, недискриминација, учество, хоризонтален пристап, рече Мојсовски.