Агенцијата за филм со конкретни договори од Канскиот фестивал

Сподели

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, со директорката на Бугарскиот филмски центар, Жана Караиванова, во Кан го усогласија и потпишаа текстот што ќе биде основа за потпишување на договор за копродукција на аудиовизуелни дела и меѓусебна соработка меѓу двете земји на полето на филмската уметност.

На потпишувањето на договорот присуствуваа филмски продуценти и режисери од двете земји, кои долго време ја очекуваа оваа спогодба за да можат да ја олеснат и да ја продлабочат взаемната соработка.

Пред четири дена (на 13 мај), во рамките на Канскиот филмски фестивал, Агенцијата за филм потпиша и договор за соработка и со филмската институција од Косово со Арбен Зарку, а почна и со разговори за потпишување на договорот со Мишел Плазанет од Centre national du cinema (CNC).
Остварени се и контакти со „Телефилм Канада“ со кои исто така ќе се верификува соработката меѓу двете кинематографи.Агенцијата за филм годинава стави акцент на унапредување и подобрување на промоцијата на Македонија како дестинација за снимање поради што подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање.
Дополнително, на 9 мај во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“, Агенцијата за филм закупи простор за објава со која се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.