Резултатите од суперанализите на соините трошки и соините шницли, кои, на барање на операторот со храна се вршеа во референтна лабораторија во Европската унија, потврдија присуство на ГМО како што беше констатирано и со првичната лабораториска анализа, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Увезената соја е по потекло од компанијата „Сојапротеин” од Бечеј, Република Србија, а мострите биле земени во рамки на мониторинг програмата за безбедност на храната која ја реализира Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Во Република Македонија, соините шницли се увезени од операторот со храна „Виталиа”, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна „Кам“. Увозот на соините трошки, извршен е од страна на операторот со храна „Сопродекс”, а во прометот, исто така биле дистрибуирани преку операторот со храна „Кам“. Соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнати во магацин, дел повлечени од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат нештетно уништени, исто како и позитивната мостра ориз во количина од 550 килограми, по потекло од Кочанско, произведена од увозен семенски материјал“, информираат од АХВ.
Согласно Законот за безбедност на храна, забранет е увоз, производство и промет во Република Македонија на храна и производи од храна која содржи ГМО, или е составена од ГМО.