Аирлија избори, победуваме. Со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го почна својот 70 минутен говор на народниот собир во спортскиот центар „Борис Трајковски“ на кој побара голема победа од 63 пратеници за стабилна и сигурна Македонија и која, како што рече, „ќе значи крај на црните и мрачни сценарија на Заевци и Верушевци“.
– Дојде време за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот, гласот кој долго време го игнорираа и го исмеваа. Народот кој памети и кој е мудар и кој знае точно што се случуваше и која е крајната цел. Дојдовме до посакуваната цел која треба да значи почеток на крајот на кризата. Дојде време за одговор кој граѓаните им го спремаат две години. Но силата и мудроста на овој народ е многу пати низ историјата докажувана. Трпението на овој народ е доблест. Нашиот народ чекор по чекор дојде до посакуваната цел – изборите – им се обрати Груевски на симпатизерите на владејачката партија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека време е за крај на кризата за конечно да можат да се фокусираат на реалните проблеми на граѓаните, економијата и отворање на работни места.
– Свесни дека со овие избори ќе се покаже јасната и недвосмислена волја на нашиот народ и ќе се испрати порака до сите дека оваа земја е на народот на Македонија и граѓаните одлучуваат за нејзината иднина и никој друг. За оваа земја одлучуваат нејзините граѓани и тие најдобро знаат кој треба да ги застапува и кој може да им помогне во секојдневните проблеми. Не се откажуваме, не застануваме, ја водиме земјата напред – вели Груевски.
Груевски потенцираше дека додека се справувале со политичката криза и со деструкцијата на СДСМ и невладините, работеле напорно, а дека изборите ќе бидат референдум за сето она што го правела опозицијата.
Тој рече дека СЈО е главен инструмент за доаѓање на СДСМ и Зоран Заев на власт без поддршка од граѓаните.
– СЈО кое се формираше со добра намера, се нафати да биде главен инструмент на СДСМ и Заев за доаѓање на власт со сила без волјата на народот. Одржаа еден куп спектакуларни прес-конференции и покренаа обвиненија без да имаат ниту еден валиден доказ и тие допрва сакаат да станат актер во оваа кампања. Колку повеќе СДСМ се обидуваат на нечесен начин да дојдат на власт, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ – додаде Груевски кој рече на 11 декември народот ќе им прати одговор дека нема играње со него и ќе одбере опција на која може да се потпре.
Груевски во говорот се осврна на проектот „Македонија вработува“, на инвестициите, отворањето нови фабрики и работни места и најави инвестиции на четири нови компании.
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ утринава со стотици автобуси од цела Македонија пристигнаа во Скопје за да учествуваат на народниот собир.
На собирот освен сегашните министри, пратеници и градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваа и поранешните министри Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.