Ако не бевме членка на НАТО?! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

 

 

“Кој пат води за Мариово” е стара народна песна, која што најсликовито ги опишува историските беспатија низ кои минувал македонскиот народ во борбата за својот опстанок и подобра иднина. Нејзините пораки, 75 години по создавањето на слободна македонска држава, се сеуште актуелни и поучни: Како да се стигне до посакуваната цел ако не знаеш каде си тргнал, ако не си подготвен за сите напори и искушенија што те чекаат на тој пат, ако самиот не веруваш и се сомневаш дали поднесените саможртви биле неопходни и оправдани.

Георги Ајановски

Од тој аспект, изгледаат крајно неразумни расправиите меѓу нашите водечки политички елити околу придобивките на неколку крупни политички исчекори со кои беа совладани повеќе кризни состојби низ кои помина македонската држава по нејзиното осамостојување и независност, кога беше доведено во прашање дури и самото нејзино постоење. Почнувајќи од распишувањето на референдумот за независност, нејзиниот прием во Обединетите нации, потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој што беше запрен меѓуетничкиот воен конфликт, склучувањето на Преспанскиот Договор со Грција, преку кој нашата држава стана членка на НАТО, заклучно со спогодбата за добрососедство со Бугарија, чија реализација се уште е предмет на жолчни дебати меѓу двете држави, а претставува главен услов за почеток на преговорите со Европската Унија и нашиот прием во нејзините редови. Односно, за ниедно прашање од историско значење за иднината на Македонија не бил постигнат со заеднички став и истомисленост, што е и главна причина за длабоките поделби во македонското општество и непомирливоста на неговите политички протагонисти околу изборот на вистинскиот пат по кој што треба да се движи нашата држава. Иако, повеќе од 70% од нејзиното население недвосмислено е определено својата иднина да ја бара во Унијата на европските држави и нејзините демократски вредности!

Притоа, треба да се има во предвид и да не се заборави дека со Лисабонската декларација од 1991 година, под ветото на Грција, Европската заедница одби да признае постоење на држава со било какво македонско име, по што Атина спроведе тотална економска блокада кон нашата држава, со намера да ја уништи нејзината државност, нејзиниот јазик, историја и култура. Како што е познато, тогаш бевме на чекор до грчка воена интервенција, со планови да се окупираат неколку македонски погранични градови, по што ќе беше крајно неизвесна натамошната судбина на нашата држава и нација.

Во тој критичен период беа обелоденети тајни преписки меѓу одделни балкански политичари, со планови за поделба на македонската територија, кои што за среќа беа осуетени на самиот почеток, благодарејќи на безбедносните проценки дека еден таков непромислен чекор би водел до нова Балканска војна и до дестабилизирање на поширокиот регион.

Како резултат на грчкото вето, Република Македонија речиси четврт век се наоѓаше во чекалната за прием во НАТО, без јасни назнаки дали и кога ќе почне нејзиното приклучување кон евро-атлантските интеграции. Дури по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2017 година, таа стана членка на НАТО, по што запре повеќедецениското непријателство со соседна Грција и отпочна процес на меѓусебна соработка и примерно добрососедство.

Но, мора да се спомене дека во меѓувреме нашата држава помина низ повеќе тешки искушенија кои што лесно можеа да завршат по нејзината независност и територијална целовитост. Неуспешниот атентат врз претседателот Киро Глигоров во 1995 година, според многумина безбедносни експерти бил извршен со примарна цел да се дестабилизира државата, да се создаде хаос, страв и несигурност меѓу граѓаните, да дојде до прегрупирање на политичките сили и до пренасочување на нејзината меѓународна политика во правци определени од одделни странски центри.

Две години пред избувнувањето на воениот конфликт 2001 година, почна да кружи т.н. “платформа” за територијална поделба на Македонија, со која што нејзините автори (се спомнуваа одделни личности од МАНУ и високи функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ), решението за нарушените меѓуетнички односи го бараа во територијалното раграничување меѓу албанските и македонските етникуми, со гранична линија кај селото Групчин, во близината на Тетово. Фактички, тоа сценарио послужи како вовед во крвавиот меѓуетнички конфликт, кој започна со упад на добро вооружени терористички групации од Косово, во чии првични штапски прогласи како крајна цел беше поставено отцепувањето на дел од македонската територија и нејзино приклучување кон Косово и Албанија.

Со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, постигнат со помош на меѓународната заедница, не само што беа прекинати воените дејствија и беше избегната поделбата на македонската територија, туку драстично се подобрија и унапредија меѓуетничките односи, што придонесе државата да заплива во многу помирни води. Од тие причини, негирањето и оспорувањата на придобивките од тој договор, кои траат до денешни дни, во никој случај не придонесуваат за јакнење на меѓусебната доверба и натамошно унапредување на меѓуетничките односи.

Погледнато од денешен аспект, по се она што последнава деценија се случи на меѓународната сцена, која што многумина политички аналитичари ја споредуваат со најдраматичните моменти од периодот на студената војна, кога светот беше на работ од нов светски судир, тешко може да се претпостави што ќе се случеше со безбедноста на нашата држава, доколку таа во последен момент не стана членка на НАТО. Поранешните теории дека во Европа не е можна војна без опасност таа да прерасне во светски конфликт, беа демантирани со руската агресија врз Украина, кога на очиглед на целиот свет, руските трупи навлегоа на украинската територија, бомбардирајќи ја и престолнината Киев. За Москва немаше никакво значење фактот дека по распадот на Советскиот сојуз самата таа ја прогласи и ја призна Украина за независна држава!

Меѓутоа, рускиот властодржец Владимир Путин не мислеше така: под изговор дека украинскиот народ е дел од рускиот, дека неговиот јазик, историјата, културата исто така имаат руско потекло, па според тоа никогаш не поседувал атрибути на своја државност, тргна во освојувачки поход против Украина со нескриена намера да ја врати во состав на руската федерација.

Имајќи во предвид дека и бугарското државно раководство, независно од Договорот за добрососедство и пријателство со Македонија јавно застапува идентични тези во однос на постоењето на македонската нација, нејзиниот јазик, историја и култура, или поточно целосно ја негира посебноста на македонската држава, може само да се претпостави со какви ризици и опасност можеше да се соочи нашата држава, доколку ги немаше безбедносните гаранции на НАТО сојузот во поглед на нејзината независност и територијален интегритет. Да не заборавиме дека развиени европски држави со прокламирана воена неутралност како што се Финска и Шведска, поучени од она што се случи со Украина и можноста по истото сценарио да се најдат и некои други држави од поранешната советска империја, без многу двоумеење побрзаа да побараат прием во НАТО алијансата, свесни дека само во неговиот состав можат да ја заштитат својата независна територија.

Според тоа, не треба да се биде премногу паметен за да се сфати дека за Македонија нема друг алтернативен пат што води до излезот од Мариовската пустош, сиромаштијата и бесперспективноста, освен да продолжи решително да чекори кон европските перспективи и зачленувањето во Унијата на европските држави.

Во тој контекст, македонските политички елити имаат обврска и долг кон својот народ, по сите негови страдања и неправди, обединети и со заеднички сили да го крунисаат со уште една победа, пресудна за иднината на нашата држава и нејзините граѓани, иднина каква што ја посакуваат и каква што ја заслужуваат да ја имаат!