Екипи на МВР утрово спровеле акција со кодно име „Лотос“ во која, како што соопшти денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, била разбиена криминална група која препродавала дрога во повеќе градови во земјава.

Како организатор на групата е осомничен 40-годишен велешанец, кој, како што посочи Чавков, освен што самиот препродавал дрога, кон крајот на 2015 и на почетокот на 2016 година создал мрежа од дилери за продажба на хероин, марихуана и на амфетамин.

– Тој од засега непознати лица набавувал хероин и марихуана кои во својот дом ги препакувал во помали количества и по претходен договор ги продавал на лица, дилери и уживатели на дроги, во повеќе градови и тоа за 1.000 денари за грам хероин и 500 денари за пакување марихуана. Првоосомничениот кон крајот на 2015 и на почетокот на 2016 година организирал мрежа на препродавачи посредници, при што ангажирал уште три лица, сите од Велес, да вржат продажба на хероин и на марихуана. Дилерите по добиените инструкции и продажбата на дрогата дел од сумата задржувале за себе, а поголемиот дел го носеле кај првоосомничениот во неговиот дом – соопшти Чавков.

Во акцијата, која траела до денеска рано наутро, биле извршени претреси во домови на 24 локации, кај исто толку лица. Од претресите, 11 биле во Велес, четири во Скопје, три во Свети Николе, два во Кочани и по еден на подрачјето на Штип, Кавадарци, Гевгелија и на Струга.

Во нив полициските екипи пронашле и заплениле околу 5.500 евра, околу 100 грама хероин, ваги и пакувања со хероин и со марихуана подготвени за продажба.

Во рамките на акцијата „Лотос“, како што рече Чавков, приведени биле вкупно 24 лица.

Инаку, пред шест години, Велес беше центарот од каде беа регрутирани и организирани припадниците на т.н. „Франкфуртска мафија“, чии членови продаваа дрога во глрадовите низ Европа. Ова група беше разбиена во неколку заеднички акции на полициите на Македонија, Австрија и на Германија.

Од МВР засега нема информации дали некој од осомничените во „Лотос“ претходно бил член и на „Франкфуртската мафија“.