Спасувачките тимови продолжуваат да трагаат по преживеани под урнатините на објектите во Албанија. Бројката за загинати лица утрово порасна на 40, а се стравува дека таа може да се зголеми со натамошното пребарување на срушените зданија во Тумане, Драч и другите албански градови, јавува Радио – телевизија Србија. Тлото во Албанија не престанува да се тресе. Регистрираните земјотреси и изминатата ноќ ги оставија жителите од погодените региони на улиците.
Спортските објекти во Тирана се претворени во локации за згрижување на граѓаните, додека на фудбалскиот стадион во Драч се поставени шатори за сместување на оние лица што ги изгубиле домовите. Помошта во храна и облека што пристигнува од странство им се дели на граѓаните погодени од земјотресот. На подрачјето на Драч и Тирана од вчера е воведена вонредна состојба за да им се овозможи на државните органи полесно справување со природната катастрофа.
Албанската влада утрово одржа вонредна седница, на која премиерот Еди Рама посочи дека на земјата во моментов ѝ е потребна финансиска и нематеријална помош. Засега нема податоци за материјалната штета што ја предизвикаа серијата земјотреси во Албанија, кои започнаа со најсилниот потрес со јачина од 6,4 степени на 26 ноември изутрината.
Тимови координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, во согласност со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, односно вкупно 42 пожарникари и друг кадар, како и едно куче-трагач интервенираат во Драч заедно со колегите од Албанија и од други земји што испратија помош.