Алаѓозовски во Курбиново: Пропаѓањето на „Св. Ѓорѓи“ запрено – интензивен процес за заштита

Сподели

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски одржа прес конференција пред црквата Св.Ѓорѓи во с.Курбиново, при што ја извести јавноста дека долгогодишното пропаѓање на црквата, која датира од XII век, е запрено. По повеќегодишен  застој, пропусти па и нестручност во реставрацијата, министерот Алаѓозовски најави интензивен процес на стручна, внимателна и одговорна грижа за оваа наша значајна знаменитост.

kurbinovo_3_feb_2018_foto_1

Во оваа 2018-та година, по повеќегодишен  застој, пропусти па и нестручност во реставрацијата на еден од најрепрезентативните објекти на нашето културно наследство, означуваме почеток на еден нов процес – процес на стручна, внимателна и одговорна грижа за оваа наша значајна знаменитост и еден од најрепрезентативните објекти на нашето културно наследство, кој датира од XII век, истакна Алаѓозовски на  прес конференцијата во с.Курбиново.

„За таа цел, Министерството за култура и Владата на Р.М во Буџетот за 2018-та, обезбедија средства во висина од почетни 2.500.000 денари, со подготвеност од Министерството тие да достигнат до 15 милиони денари, доколку реализацијата тече со посакуваната динамика. Со овие средства во текот на годината ќе се изведат активности за изработка на Основниот проект за архитектурата во завршна фаза, ќе се спроведе административно одобрување на основниот проект за архитектурата, а ќе се реализираат и неколку фази од непосредната заштита: демонтажа на покривот, конструктивно зајакнување, конзервација на ѕидни платна и демонтажа на времениот покрив. За разлика од минатата година, кога преку Заводот и Музеј Битола за активностите во Курбиново имаше обезбедено средства во висина од само 1.000.000 денари, ова преставува значајно зголемување на средствата и можност да се реализираат повеќе значајни зафати на реставрација“, информираше министерот Алаѓозовски.

kurbinovo_3_feb_2018_foto_2

Тој исто така информираше дека во изминатиот неколкумесечен период, по барање на Министерството за култура, посебна Комисија формирана од Национален конзерваторски центар  – Скопје спроведе ревизија на активностите за реставрација што се спроведуваа претходно во Курбиново.  Според министерот, Комисијата констатирала дека во изминатите години се направени одредени истражувања и зафати на архитектурата и живописот,  но резултатот се бројни парцијални решенија, кои не успеале да ги решат проблемите.

„За да се отстранат сите процедурални и стручни недоследности во конзервацијата на фрескоживописот, Комисијата од Министерството и НУ Завод и музеј – Битола се договорија во понатамошната реставрација и во целиот процес да се вклучат и надворешни меѓународни експерти со врвни познавања на византиската фреско – техника, чиишто ангажмани ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на понудените предлози од аспект на конструкција и материјали, нивната компатибилност со постојниот автентичен конструктивен систем и директното влијание на фрескоживописот. Овој тим ќе изработи Програма за истражувачки работи, ќе го организира нејзиното спроведување и ќе изработи Проект за конзервација на живописот, ќе подготви Проект за презентација на живописот во црквата како и на живописот на западната, јужната и северната фасада, кој треба да биде усвоен од комисија составена од експерти за византиска уметност. Во однос на температурата и влагата во црквата, ќе биде ангажиран климатолог кој ќе ги толкува добиените податоци и ќе предложи соодветни мерки во Проектот за конзервација и реставрација. Последна фаза на процесот ќе бидат археолошките истражувања и партерното уредување, што ќе се реализира по завршувањето на конзерваторско – реставраторските работи на архитектурата и фрескоживописот,  најдоцна до крајот на 2019-та година“, објасни Алаѓозовски.

kurbinovo_3_feb_2018_foto_3

Министерот за култура потенцираше дека во годината посветена на европското културното наследство, дополнително се изострува нашето внимание кон преиспитување и унапредување на грижата кон нашето богато културно наследство. „Курбиново особено, но и други важни објекти и знаменитости се запустени и оставени на забот на времето повеќе години.   Наша недвосмислена намера е тоа да го спречиме веднаш. Културното наследство е наш врвен приоритет и ние со секоја наша постапка ќе дејствуваме во правец на поквалитетна и поавтентична заштита на нашето највредно богатство, со кое се гордееме во целиот свет“, изјави Алаѓозовски.