Албанија го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО

Сподели

Албанскиот Парламент денеска со 130 гласови „за”, ниту еден против го изгласа Протоколот за членство на Македонија во НАТО. На седницата присуствуваше претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери кој по изгласувањето на Протоколот изрази голема благодарност за поддршката што Албанија и ја дава за земјата.

Спикерот Џафери рече дека Скопје е посветено на градење општество за сите, без оглед на етничката, социјалната или каква било друга припадност.

Тој рече дека се надева оти до крајот на оваа или почетокот на 2020 година, Протоколот за полноправно членство во НАТО, потпишан од сите 29 амбасадори на земјите-членки, ќе биде ратификуван од сите национални парламенти, со Република Северна Македонија ќе стане и официјално 30-та членка.

– Со денешната ратификација Република Албанија и албанскиот народ уште еднаш го потврдија пријателскиот однос кон Република Северна Македонија и нејзините граѓани. Бидете сигурни дека секогаш ќе се сеќаваме на ова и секогаш сме знаеле да ги почитуваме и ги цениме нашите вистински пријатели – истакна Џафери.

На седницата се обрати и премерот Еди Рама, кој високо ги оцени односите меѓу двете земји и ја нагласи поддршката на Тирана за Скопје.