Алексовски: Годинава изгаснавме 33 пожари, со 110 часа налети и исфрлени 1.000 тони вода

Сподели

 

Гостувајќи во „Тема на денот“ во вчерашниот дневник на МТВ, посветена на Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи, началникот на Одделот за воздухопловни единици при МВР, Ненад Алексовски, зборуваше за спецификите на хеликоптерите Бел-412 и Бел-212, како и Бел-206, кои активно учествуваат во гаснењето на пожари на отворено, како дел од Хеликоптерската единица при МВР.

 

 

„И оваа година беше доста интензивна. Од јуни наваму учествувавме во гаснење на 33 пожари, со околу 110 часа налети на трите хеликоптери на Одделот, при што исфрелени се над 1.000 тони вода, што е солиден успех со оглед на тоа дека Единицата е релативно брзо оспособена за ваква проблематика”, истакна Алексовски, додавајќи дека доколку Одделот биде подготвен како што беше оваа година, без проблем може да одговори на било каков пожар, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и нивните три оперативни авиони.

 

Во однос на ризиците од гасење пожари, началникот Алексовски рече:

„Ризично е да се гасне пожар – секогаш кога се оди блиску до земја, до огнот, треба да се биде прецизен, секогаш кога се трудиме да дадеме сѐ од себе… секогаш е ризично ако има дим или опасност да го наруши моторот. Мора да знаеме кои извори на вода ги имаме и какви се, мора да знаеме правец на ветар, не смееме да влеземе во дим и мора да знаеме правец на далноводи, тие се најголема пречка за гаснење на пожари, зашто ние како хеликоптери летаме доста ниско, и секогаш тоа е најголема опасност при гаснење пожари – далноводи и бандери. Неопходни ни се што е можно повеќе информации од самото место, затоа координацијата е значајна, зашто мора да имаме контакт со пожарникарите на терен. Иако е тешка комуникацијата, сепак ја воспоставуваме, имаме солидна соработка со командирите на противпожарните единици”, истакна Алексовски.

На прашањето дали Одделот е доволно екипиран, Алексовски потенцираше дека има дефицит, но се работи на придвижување на состојбите.

„Во моментот сме на позитивна нула, се трудиме да се доекипираме со пилотскиот кадар кој е доста дефицитарен и го нема во моментот на пазарот. Со технички кадар сме во доста подобра ситуација, веќе имаме група во Србија на меѓуполициски договор за соработка, којашто заврши обука на нашите типови, спремаме втора група – на тоа поле сме доста добри. Но, за пилотски кадар уште немаме решенија што треба да бараме во следниот период“, рече Алексовски, додавајќи дека во однос на школата за професионални пилоти, таа е затворена во 2008 година, а во овој момент се вложуваат напори да биде обновена, да се најде персонал за таа организација, и во соработка со други странски партнери да се воспостави таква школа во која би се продуцирале или дообучувале кадри кои ќе работат со Хеликоптерската единица. Притоа, запрашан за присуство на жени пилоти во Единицата, Алексовски рече:

„Ние сме горди на нашата Весна! Единствена жена која работи во државните органи како пилот. Капетан на хеликоптер и одличен пилот”, истакна Алексовски. Осврнувајќи се на другите интервенции кои ги реализира Одделот, Алексовски наведе дека често се учествува во хумани и спасувачки акции, а се дава поддршка на сите полициски операции кои за тоа имаат потреба, но и за служби надвор од полицијата.

„Даваме поддршка на сите полициски операции кои имаат потреба од вертикален транспорт од точка до точка. Најчесто соработуваме со сите полициски служби, но имаме одлична соработка и со служби надвор од полиција. Од јуни наваму имавме 4 спасувања во планина, повредени планинари кои ги превезовме до Клинички центар „Мајка Тереза”. Имаме одлична соработка со Катасатарската служба со која извршивме бележење на јужната граница и нејзино гео-снимање, заеднички проект со Грција. Можам да го потенцирам следниот проект на кој МВР работи – да се воспостави медицински сервис, што ќе биде од корист за граѓаните. Во овој момент во соработка со Република Словенија добивме медицински пакет кој ќе го донесеме наредниот период, а во соработка со Министерство за здравство да го опремиме со наша апаратура во едниот од хеликоптерите, да даваме инкубаторски сервис за најмалите, а за тешко болните итен транспорт. Одиме претпазливо, треба повеќе искуство, но подготвени сме да го воспоставиме и тој сервис како уште една успешна приказна”, рече началникот Алексовски.