АЛО СДСМ, ДОБРИ СТЕ? – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

Mесецов кога навршуваат 100-те дена од владеењето на СДСМ, започнува кампањата за локални избори. Она што го гледам и ми се допаѓа и не ми се допаѓа.
Ми се допаѓа и ја сакам слободата. Гледам нов бран на растоварени мисли и ставови, гледам една пост-тоталитарна жед за нешто поразлично, подобро и поубаво, гледам една експлозија на критичност, индивидуалност и креативност. За жал, барем на социјалните мрежи, гледам и еден целосен хаос, злоба и какофонија на раздрндан, раскантан, зарибан и очаен обид за ревитализирање на груевистичките узанси на перцепција на реалноста. И на оценување на реалноста и проценување на луѓето. Да бидеме начисто – манирите на груевизмот се состојат во следниве поими: лага, пропаганда и манипулација. Како параван за грабеж на сопствената држава и народ. И толку.
И не ме импресионира, ама ич не ме привлекува, па дури и ме разочарува и разгневува, кога истиот вокабулар на навреди, спинови, клевети и местенки го гледам меѓу нас. Под „нас“, момчиња и девојки, дами и господа и другари и другарки од СДСМ, не ве подразбирам само вас, вашата партија, вашите општински, централни или републички одбори. Простете, ама морам да бидам отворена и јавно да ви кажам дека вие (СДСМ) не освоивте 400 и кусур илјади гласови на последните избори, за сега да си дозволувате комотност за решавање на битни прашања според ваш партиски терк и заслуги. Освоивме НИЕ. Токму затоа, нашиот глас, колку и да е фејсбуковски конфузен и несмасен, сфатете го сериозно, конструктивно и добронамерно. Воопшто не сум среќна кога ваши членови ми продаваат м..а за бубрези и ме подучуваат на основните правила на политичката борба во плурален амбиент. Вака не оди.
Дечки од СДСМ! Навивам за вас, затоа што на политичката арена истрчавте храбро со Зоран Заев и со „бомбите“. И кажавте, покажавте и докажавте дека имаме работа со еден перветиран, забеган и корумпиран систем на владеење. И ветивте дека ќе бидете негова целосна негација. Јас и некоја стотина илјади граѓани, од најразлични провиниенции, било етнички, било полови, било политички, било конфесионални, било социјални, застанавме зад вас на 11 декември. Одевме по пленуми, шарени револуции, јавни дебати, протести и конфронтации со полицијата, пишувавме колумни и се биевме со режимот на сите можни фронтови. Некои од нас и си го окркаа, физички или кривично-правно. Ама – не се откажавме од вас. Не затоа што имате убави очи и уредни фризури, туку затоа што верувавме во себе. Јас сé уште верувам. Сé уште мислам, дека вие сте негација на ДПМНЕ и дека суштината на вашата политичка битка треба да биде уривањето на стариот и создавање нов систем на вредности. Вредности засновани на знаење, компетенција, стручност и способност, а не како во периодот на злосторничкото здружение – уцена, поткуп, клиентелизам и партиска книшка.
Ми се допаѓа што во Владата инкорпориравте лица од невладиниот сектор. Не ми се допаѓа што зедовте и политички конвертити, како (не)нужно зло. Ми се допаѓа што го размрдавте жабурникот во надворешната политика и што ги подотворивте вратите за свеж ветар во македонските едра на правецот кон евроатлантските интеграции. Убаво ми е да видам како ги надминуваме проблемите со Бугарија, дека европски елегантно се справуваме со местенката на дуетот „Вучиќ-Дачиќ“, дека дипломатски вешто влегуваме во решавањето на спорот за името со Грција и дека полека почнуваме да создаваме за себе перцепција на нормална држава.
Арно ама, идат локални избори, а надворешно политичките муабети слабо котираат на нив. Тука играат други наслови, други области и други теми. Тука се работи за лица, за имиња и презимиња. Главниот збор треба да го има офанзивната кампања за промоција на нивните атрибути и визии. Не ми се допаѓа вашиот млак и неуверлив пи-ар одговор кон лагите на ДПМНЕ на темата „бегалци“. Не ми се допаѓа пропаѓањето на референдумите во Босилово и Валандово за отворањето нови рудници.
А посебно не ми се допаѓаат сдсмовските интриги во дпмнеовски манир со општина Центар и препукувањата со Жерновски, како и калкулирањето со кандидатот за градоначалник на Скопје. Не ми се допаѓаат затоа што меѓу вас гледам ароганција, самобендисаност и нааканост, односно целосна заслепеност пред предизвикот на Големата слика. А таа, Големата слика го вели следново: џабе ми е атерот за досегашниот ангажман на извесен Српче или Шипо или Јанко или Петко, ако го изгубиме Центар, како што уште поџабе ми е долгот кон некој партиски првоборец, доколку лопатарот и груевистичкиот измеќар – Коце, повторно ми стане градоначалник.
Затоа, ум в глава и настрана партиски заслуги. Овие локални избори се изјаснување за иднината на ДПМНЕ, а иднината на партијата на Груевски е тесно поврзана со прашањето – дали ќе ја биде Македонија. Затоа, тука импровизации и партиски кариеризми – не смее да има. Имате кусо време да одберете лица кои имаат кредибилитет, авторитет и знаење да ги симнат стевчовци, тарчуловци, коневци, коцевци, односно груевци од сцената.
Ова го пишувам затоа што од ден во ден гледам сé повеќе мои разочарани соборци. Некои од нив најавуваат и повикуваат на апстиненција на претстојните избори, а беа во првите редови на отпорот.
И ќе повторам уште еднаш – дечки од СДСМ, навивам за вас. Бидете на висина на мисијата и малку поткренете го погледот над вашиот партиски хоризонт. Битката со злото сé уште не е добиена.