Амбасада на САД: Очекуваме да соработуваме со новата Влада

Сподели

Американската амбасада денеска го поздрави доделувањето на мандатот за формирање влада, оценувајќи го како значаен чекор кон излез од кризата.

Микаела Швајцер Блум, вршител на должност шеф на мисијата во Амбасадата на САД, го поздрави напредокот во однос на формирањето нова влада и истакна дека очекува таа брзо да се формира, а САД, како што нагласува, остануваат партнер на Македонија.

– За Македонија и за луѓето во Македонија е добро што формирањето на влада влегува во нова фаза и дека наскоро ќе се формира нова влада. Важно е да се знае и дека претседателот Иванов и лидерите на партиите од коалицијата на мнозинството најдоа начин да соработуваат на конструктивен начин за доброто на македонските граѓани. Очекуваме да соработуваме со новата Влада штом се формира, се надеваме дека тоа ќе биде брзо. Пред Македонија, претстои многу работа на итните реформи за да може да напредува забрзано во евроатлантската заедница. САД остануваат пријатели и партнери со Македонија и очекуваме да соработуваме со новата влада, за да ја поддржиме во тие реформи и прогресот, вели Швајцер Блум во изјавата објавена на веб страницата на Амбасадата на САД.