АНА Г: Како да ќе живеам уште сто животи. Нема, само овој е.

Сподели

Денес се прекројуваат лозјата. Се истура вино. Некои се заљубуваат или си подаруваат рози или вино. Некои од нас патуваат на работа со векови. Внатре нема што нема. Средношколец што си лапка бурек (со сирење, имавме среќа), госпоѓа со бунда што зафаќа простор колку двете крилни врати, група студенти што бучно се расправаат на горниот кат и сето тоа полеано со сите пензионери во светот.

****

Застанувам со погледот во излогот на Студентски Збор. Не е отворено, часот е само 7:40. Набљудувам. Кактусите се најверојатно постари од мене. Дебел слој прашина на рамките од стаклата. Внатре се’ стои. Времето исто така. Греалка во ќошот. Стари класери и некоја сивкасто загубена боја на младоста. Ни студент, ни збор. Преминувам улица, чичкото што продава весници, ги храни гулабите, тие го хранат него со присуство. Не знам што се замислив денес толку. Пијана и вљубена од приказните на градот.
Тргнувам кон пазарот. Тезгите отворени, разџагорени, почнува денот и животот. Ме заплиснуваат глетки – пижами закачени за ограда. Кутии со спакувани еклери, колачи и сомнителни кифлички чекаат некое распоредување. Џемпери на кукли без глава. Снопови чај на картонски кутии, калци од зелена волна и рендиња со рачка на тезгата. Позади неа, баба и дедо седнати си појадуваат. Ме стегнува нешто во срце. Спомени. Прекројувам лозја во себе. Истурам вина. Дека лесно заборавам се’. Како да ќе живеам уште сто животи.
Нема, само овој е.