АНАЛИЗА: Поскапи кредити, заострени услови за кредитирање – забавена економска активност

Сподели

 

Три месеци по ред Народната банка носи одлуки кои значат „затегнување“ на монетарната политика. И овој месец НБРСМ ја зголеми каматата за благајничките записи која достигна 2 отсто. Но, се зголемија и каматите за расположливите седумдневни депозити и депозити „преку ноќ“, пишува Порталб“. Ова значи дека НБРСМ ги „стимулира“ банките ликвидните средства да ги депонираат во НБРСМ за повисока камата, што пак, е вовед во промена на каматната политка за фирмите и за граѓаните – поскапи кредити

Кредити за фирми – заострени услови, мало зголемување на побарувачката

Условите за кредитирање на фирмите ќе се заострат, а побарувачката за кредити благо ќе се зголеми. Ова го очекуваат банкарите во вториот квартал од годинава.  Поради вкупната криза, неизвесноста, нарушените пазари, растечките цени, побараувачката за кредити од страна на фирмите е забавена. Со затегнување на монетраната политика и пораст на каматите за кредитите очекувано е побарувачката да забави и во следниот период со поголемо темпо од очекуваното. Банкарите најавуваат застрување на условите за одоборување на кредити за фирмите.

Во првиот квартал на 2022 година, Анкетата укажува на минимално нетозголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, којашто е многу послаба во однос на претходната анкета.  За второто тримесечје од 2022 година, банките очекуваат мало нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата – се наведува во Анкетата за кредитна активност на Народната банка.

Кредити за домаќинства – очекувања за намалена побарувачка 

Поскапувањата на храната, струјата, нефтените деривати веќе имаат разорна моќ за стандардот. Во услови кога граѓаните  пребројуваат од што може да се скрати за да се истурка месецот, очекувано е дека оваа состојба ќе се одрзи и врз побарувачката за кредити – воздржаност да се земаат заеми за патувања, автомобили, дневно трошење. Банкарите очекуваат дека следните три месеци домаќинствата воздражно ќе аплицираат за кредити иако се најавува олеснување на условите за кредитирање на населението.

Очекувањата  за вториот квартал на 2022 година во однос на кредитирањето на население се во насока на  натамошно умерено нетолеснување на кредитните услови а нето-намалување на побарувачката за кредити на домаќинствата– се наведува во Анкетата.

Сепак интересно е дека во најновата анкета се нотира очекување за зголемување на побарувачката на станбени кредити:  

Што се однесува до факторите коишто делуваат врз побарувачката на станбените кредити, перспективите на пазарот за станбена изградба, довербата на потрошувачите, заштедите на домаќинствата и останатите извори на финансирање и понатаму придонесуваат кон нето-зголемување на кредитната побарувачка

Кои кредити ќе поскапат по потегот на НБМ?

Банкарите за „Порталб“ уште по првиот потег на НБРСМ за затегнување на монетраната политика најавија дека ќе направат корекција на каматите – поскапи кредити но и повисоки камати за штедење. Според НБРСМ, заострувањето на монетраната политика треба да води токму кон раст на штедењето.

Очекуваме овие мерки, во услови на стабилност на девизниот курс на денарот, да поттикнат промени во каматната политика на банките во насока на пораст на каматните стапки на штедењето во домашна валута и натамошен раст на депозитите кај банките во денари– соопштија од Народната банка.

Изминатиот период беше регистриран тренд на повлекување на депозити од страна на фирми и граѓани – со забавена стапка на раст на штедењето. Но, повисоките камати за депозити значат и повисоки камати за кредити. Според објаснувањето на банкарите, нагорна корекција ќе има кај кредитите со променлива каматна стапка – потрошувачки кредити, минусни салда на тековни сметки, кредитни картички, па дури и кај станбените кредити, бидејќи кај нив само одреден период е со фиксна камата. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат 1,7 милијарди евра, а за станбени кредити 1,1 милијарда евра.

Во април просечната камата на кредитите за фирмите изнесуваше 3,45 отсто, а на кредитите за домаќинства 5,09 отсто. Просечната камата на депозитите изнесуваше 0,65 отсто.  Растот на каматите е вовед во забавена кредитна активност, која пак, значи и забавување на економската активност во услови кога Владата најавува експанзивна јавна потрошувачка – преку раст на плати, пензии, мерки за поддршка.