Андреа Бочели: Модерната технологија во служба на човекот

Сподели

Пред неколку децении пристапот до информации и знаење, како и брзата комуникација со светот биле привилегија само на малкумина. Но со динамичниот развој на технологијата, тоа веќе не е случај.

Денес, кога напредната технологија и модерните начини на комуникација ни овозможуваат без проблем да бидеме во постојан контакт со свои најблиски роднини и пријатели, без оглед на тоа каде и да се наоѓаат низ светот, да понесеме во својот џеб цела библиотека книги и со еден клик да го најдеме патот до најдалечното место во одредена земја, се чини дека единствениот хендикеп на секој од нас е нашиот став кон животот.

Познатиот италијански тенор Андреа Бочели е извонреден пример за тоа. Бочели е композитор и пејач кој го изгубил својот вид на 12-годишна возраст, но не дозволил тоа да биде пречка за да оствари успешна музичка кариера и да се здобие со епитетот-амбасадор на класичната музика во светот. Тој верува дека како што музиката ги надминува јазичните бариери, ги поврзува луѓето и им овозможува да се разберат едни со други, така денешната технологија ја премостува просторната оддалеченост, ја олеснува комуникацијата и ги зближува луѓето.

Со оглед на тоа што поголемиот дел од животот го поминал со хендикеп, Бочели е уверен дека современата технологија, односно мобилните телефони и интернетот, во голема мера им го олеснува секојдневното справување со предизвиците не само на обичните луѓе, туку уште повеќе и на лицата со посебни потреби. Денес, тој лично не би можел да го замисли животот без својот паметен телефон, преку кој непречено остварува комуникација со своите најблиски, закажува состаноци, одговара на говорни пошти, слуша музика и аудио книги. Славниот тенор смета дека не е визионерство да се каже дека во блиска иднина комуникација нема да значи само пренос на податоци, слики и звуци, туку и на 3Д слики, мириси и дразби.

Затоа, како резултат на неговата верба во комуникација без граници Андреа Бочели од неодамна е дел од новата кампања на Дојче Телеком „Европа“, кон која се вклучи и Македонски Телеком. Кампањата ја претставува поврзаноста на земјите и луѓето преку мрежа којашто во основа не може да се види, но исто како музиката на славниот тенор, секогаш дава чувство на поврзаност и разбирање без многу зборови.

За Андреа Бочели, денешната мрежна технологија е едно од најголемите достигнувања на нашиот модерен свет.

„Животот е комплексна мрежа на односи со луѓето. Со помош на оваа мрежа и новите технологии, сум поврзан со сите луѓе кои ми се важни. Она што важи за музиката важи и за мрежата. Не можете да видите што е тоа што ја поврзува Европа. Но можете да го почувствувате тоа”, вели тенорот.