АНТОНИЈО, НЕКА НЕ ТЕ ЛАЖЕ ПАМЕТОТ! – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

Следејќи го последниот чин од разврската на македонската трагедија наречена „груевизам“, пред очи ми доаѓаат серија сеќавања и слики од вмровски пратеници, членови, симпатизери и полтрони, кои во изминатите месеци, билдајќи ја сопствената несигурност во одбраната на неодбранливото, даваа изјави кои мене лично сериозно ме нервираа и разгневуваа. Во ваквата гротескна плејада на ликови со бомбасточно-заканувачки и ступидни изјави, ќе го издвојам Антонијо (проверив, името му е со „ј“) Милошоски, еден од најпосветените фронтмени на груевизмот. Поранешем шеф на македонската дипломатија, стипендист на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (една од првите што се дистанцираше од ВМРО-ДПМНЕ), што значи – германски пулен, еден од ретките стари вмровци во актуелната новокомпонирана патриотска постава на „најпатриотската“ партија, покажан и докажан бугарофил, а според надворешноста, пресметан и промислен апаратчик, еден од оние кои се споменуваат за наследник на Груевски.
Е, тој и таков Антонијо, на петти април оваа година, за време на една од бесконечните собраниски сеанси во режија на неговата партија, во моментите кога расправата со СДСМ дојде до точка на вриење, со смртно смирен, бесчувствително умерен и ледено заканувачки глас, им се обрати на пратениците од СДСМ, со зборовите од кои јас (бррр!) се наежив: НЕКА НЕ ВЕ ЛАЖЕ ПАМЕТОТ ДА ПРАВИТЕ ЧЕКОРИ ШТО ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМАТ ТЕНЗИИТЕ ВО СОБРАНИЕТО. Ја издвојувам синтагмата „да не ве лаже паметот“, бидејќи во нашиот говорен јазик таа има значење на класична закана со значење “тешко тебе“, или „не го прави она за кое подоцна ќе зажалиш“, или „ако го направиш, ќе те скршам од ќутек“. Верувам дека нема човек од мојата генерација кој како дете не си го добил од родителите со образложението – „а убаво ти кажав да не те лаже паметот“.
Ете така, Антонијо им се закани на опонентите, а тие не го послушаа. И, си го добија на 27 април. Кој ногарка од столица в чело, кој држач за ТВ-камера в теме, кој тупаница в нос, кој влечење за коса, кој намерен ќотек, кој дупната глава, кој скршен нос, кој здробени ребра и така натаму. Арно ама, 27-ми бидна и помина онака како што помина. Тепаните си формираа мнозинство и си избраа претседател, кој кај да е, со или без „изим“ од Ѓоргета Иванов, непосредно ќе си ги примени Уставот и законите и ќе си избере мандатар. Тој ќе си предложи Влада, а мнозинството ќе си ја изгласа. И сите глупости ќе отидат во правосудните органи, каде што некој и некои ќе треба да си одговараат за стореното или нестореното. Сепак, некои позиции, ставови и изјави не треба никогаш да се заборават, бидејќи и тие беа дел од севкупната подбуцнувачко – заканувачка атмосфера, која го поплочуваше патот до собраниските насилства од 27 април. Една од нив е и заканата на Антонијо, која уште долго ќе одзвонува низ лавиринтите на изгубената македонска демократија.
Не знам за другите, ама јас никогаш нема да ја заборавам. Начинот, ситуацијата и интонацијата со која беше изречена, секогаш кај мене ќе будат морничави чувства и асоцијации на некои дамнешни партизански филмови, во кои офицерите на Гестапо со студена рамнодушност им изрекуваа смртни пресуди на антифашиститеи на луѓето од отпорот. И токму затоа, во спомен на мојот татко партизан, во чест на сите притворени, затворени, убиени и на било кој друг начин настрадани од режимот на Груевски, во името на сите жедни и гладни за слобода и правда, а пред сé, како повод и реакција на изминатите 11 години украдени и исколвани од твојата криминална орда, јас Гордана Попсимонова, тебе, Антонијо Милошоски, ти порачувам само едно:
НЕКА НЕ ТЕ ЛАЖЕ ПАМЕТОТ ДЕКА ЌЕ ПОМИНЕТЕ НЕКАЗНЕТО!!!