Во Апелацискиот суд Скопје сè уште не пристигнала ниту една жалба на одбраната за продолжувањето на притворот на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година, велат за „Мета“ од судот.
– Досега ниту жалба не е пристигната. Кога ќе пристигнат, ќе видиме колку се и ќе ги разгледаме предметите- ни изјави судијата на Апелацискиот суд Скопје, Сафет Кадрии.
Кривичниот суд во Скопје на предлог на Јавното обвинителство за гонење на организирна криминал и корупција пред точно една недела, односно на 27 декември 2017 година им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието.
Куќниот притвор им е продолжен на пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и на уште еден осомничен, додека за С.М. и М.М. судот го прифати предлогот на обвинителството за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор.