Апелација одлучи: СЈО законски ги прибавило бомбите, затоа се прифаќаат како докази

Сподели

Скопскиот Апелациски суд го објави решението со кое ја прифаќа жалбата на СЈО против експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 обвинети за насилството во Општина Центар.

Од судот се повикуваат на Законот за кривичната постапка во делот каде што се регулира начинот на прибавување на доказите, а не нивното создавање и затоа прислушуваните телефонски разговори може да се користат како докази затоа што биле прибавени на законит начин од страна на СЈО.

„-Без разлика како во конкретниот случај се создадени предметните аудиозаписи од телефонски разговори, тие се прибавени на законит начин и може да се користат во постапката врз основа на Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник“ 159/15) и чл. 287 од Законот за кривичната постапка, кој ја регулира обврската за доставување податоци на јавниот обвинител, во случајот надлежен да истражува и гони за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, кому политичката партија му ги доставила овие снимки и други снимки, документи во електронска форма и писмени докази“, се вели во решението.

-Со самото формирање на Специјалното јавно обвинителство, аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија, се вели во образложението.

„Со донесување на споменатиот Закон за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник“ 159/15), за овој суд аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз нивна основа Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите истражува кривични дела и гони сторители и тие стануваат дел од доказниот материјал“, пишува во образложението од Апелација.