Потпретседателката на ДУИ, Туета Арифи, по денешната средба на претставниците на ДУИ и на СДСМ во хотелот „Холидеј ин“ рече дека се одржала конструктивна дискусија, но дека последниот збор ќе го има претседателството на ДУИ.
– ДУИ е политичка партија која има отвореност. Ние денеска имавме разговори за нашите иницијални позиции. Јавноста е информирана за нашите рамки, значи интеграцијата во ЕУ, реализирање на Договорот од Пржино во однос на прашањето на СЈО. Исто така, прашањата кои се поврзани со реализација на Охридскиот договор и интеграцијата на нашата земја во Европската Унија и во НАТО заедно со целосната еднаквост на Албанците. Така што, имавме една конструктивна дискусија, а финалните одлуки, нормално, ќе се носат од страна на претседателството на чело со претседателот на ДУИ, Али Ахмети – рече Арифи.
Од СДСМ претставници на средбата беа заменик-претседателката Радмила Шекеринска, Рената Дескоска и Оливер Спасовски, а од ДУИ, освен Арифи, присутни беа и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, и на Гостивар, Невзат Бејта.