„Арсена“: Новиот водовод е само предизборен маркетинг и медиумско замајување

Сподели

arsen-2

Здружението „Арсена“ од Гевгелија, кое со години предупредува дека е загадена водата во овој град, вели дека конкурсот за изградба на нов водоснабдителен систем е само изборен маркетинг на градоначалникот Иван Франгов.

Од здружението велат дека ова е четврта по ред медиумска објава на тендер за копање нови бунари за водоснабдување на Гевгелија и доаѓа само еден ден по најавата за распишување вонредни парламентарни избори во декември годинава.

– Прашање е зошто досега Општината не го спроведе и првично најавениот тендер во февруари 2014 година, кога рекоа дека ги чекаат резултатите од анализата на ископите кај Вардар, за издашноста на водата и за квалитетот, дали воопшто има арсен. Вториот тендер го најави поранешниот министер за финансии Ставрески за март годинава, кога одговараше по амандманот за одвојување буџетски средства за водоснабдување на Гевгелија во ноември минатата година, што тој го одби. Третиот тендер, насловен како оглас за јавна набавка за два нови бунари, Општината го најави во јуни годинава и не видовме ниту тендер, ниту објава за избран најповолен понудувач. Зошто ѝ треба четврта медиумска објава на Општината за ископ на нови бунари само еден ден по договорот на лидерската четворка? Ова за нас е малку симптоматично – реагираат од здружението.

Тие додаваат дека ако ова не е медиумско замајување на граѓаните, какво што се случувало и претходно, тогаш е признание на Општината дека има арсен во водата, проблем што општинарите и градоначалникот со години го игнорираа.

– Изборите или најавата за избори секогаш носат промени. Се надеваме дека гевгеличани нема да бидат излажани од власта повторно со нереализиран тендер, зошто секој човек заслужува чиста вода, а не отров – велат од здружението.

Вчера градоначалникот на Гевгелија во изјава за „Мета“ рече дека новиот водоснабдителен систем се гради затоа што градот има потреба од дополнителни количества вода. Тој тврди дека водата во Гевгелија е чиста, но дека локалните власти сакаат да го тргнат секој сомнеж.

– Одлучивме да градиме нов водоснабдителен систем затоа што имаме потреба од дополнително количество вода. Исто така, и по сите обвинувања дека водата е загадена, сакаме да ги тргнеме сите сомнежи, иако ние тврдиме дека водата за пиење е чиста – рече Франгов.

Како што пишува во огласот објавен на веб-страницата на Општината, водоснабдителниот систем ќе се гради со кредит од Светска банка и со грант од ИПА-програмата.

Со проектот е предвидено да се изградат два нови бунари кај реката Вардар, потисен цевковод и резервоар на Мрзенски рид.

Проценетата вредност на водоснабдителниот систем изнесува 105.258.839 денари, од кои 70.738.500 денари се обезбедени од Светската банка, додека 260.000 евра се грант од европските ИПА-фондови.

Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 4 октомври.

meta.mk