Авиокомпанијата Ер Берлин замина во историјата

Сподели

Втората по големина авиокомпанија во Германија, Ер Берлин, замина во истoријата. Вчеравечер беше реализиран последниот лет, пренесе Дојче веле.

Последниот лет на Ер Берлин беше на релација Минхен-Берлин. Авионот беше полн со вработени и патници, а пилотот, кој за тоа имаше посебна дозвола, за крај направи неколку круга на небото над Берлин.

Ер Берлин беше втора по големина авиокомпанија во Германија, а беше основана во 1979 година. Таа имаше околу осум илјади вработени и околу 150 летала. По објавувањето банкрот, во август годинава, Луфтханза најави дека ќе преземе повеќе делови од Ер Берлин, кои бројат неколку илјади врабнотени, како и над 80 авиони.

Во текот на претходните денови е постигнат договор за преземање на делови на Ер Берлин и од страна на Изиџет. Денеска изутрина е соопштено дека британската авиокомпанија за 40 милиони евра ќе преземе 25 авиони, а ќе ги купи и правата за полетување и слетување од аеродромот Берлин-Тегел.