АВСТРИЈА: Денеска се избира нов претседател на државата

Сподели

austria

Денеска во Австрија се отворени речиси сите избирачки места, за претседателските избори, на кои околу 6,4 милиони Австријци ќе одлучуваат меѓу кандидатот на десничарската Слободарска партија, Норберт Хофер и кандидатот, кој ја има поддршката на Зелените, Александар ван дер Белен.

Првите резултати, како што пренесуваат медиумите, треба да бидат познати денеска по 17 часот, кога би требало да бидат избројани околу 35 до 40 осто од гласовите, во половина од општините.

Гласањето се одвива под построги правила, според кои, деца не смеат заедно со родителите да влезат на гласачкото место. Исто така е забрането и фотографирање и снимање за време на гласањето на избирачките места.

Претседателските избори во Австрија се одвиваат и под зголемено внимание на меѓународната зедница, бидејќи, како што претпоставуваат експертите, победата на кандидатот на десницата, после онаа на Доналд Трамп во САД, би можела да предизвика јакнење на крајно десничарските партии и во другите европски земји. Ова би довело до победи на десницата и евроскептичните партии на претстоечките избори во други европски држави, пред се во Франција.

За време на кампањата, забелешките беа дека доколку Хофер победи и стане претседател, тој може да бара излегување на Австрија од Европската Унија. Кандидатот на десницата ги негираше ваквите тврдења, објаснувајќи дека тој е за развој на ЕУ, но не како централизирана творба, туку како унија на земји-членки со поголеми овластувања на државите.

Токму поради овие наводи, пишуваат светските агенции, денешното гласање во Австрија се спроведува во еден вид референдумска атмосфера.

Левичарските активисти вчера во Виена организираа протести против кандидатот на десницата, Норберт Хофер.

meta.mk