Баланс МК – Асоцијацијата за детски дијабет бара проверка на инсулините во државава

Сподели

Асоцијацијата за детски дијабет Баланс МК и други здруженија на дијабетичари до Агенцијата за лекови на Република Македонија поднесе барање за итна детална проверка и вонредна инспекциска контрола на набавката, транспортот и чувањето на инсулините во земјава.

Тие бараат проверка од каде се набавува инсулинот и гаранција дека тој бил соодветно чуван до моментот на преземање од страна на увозниците, но и проверка на сите температурни исписи од дата-логери во рамки на т.н. студен ланец на транспорт.

Од БАЛАНС МК бараат итни одговори за овие прашања, кои, како што велат го тангираат здравјето и животот на над 40.000 инсулин зависни граѓани на Република Македонија меѓу кои 450 се ДЕЦА. Секое одлоговлекување, релативизирање и слични видови аргументација, сметаат од БАЛАНС МК ќе бидат повеќе од јасен одговор, по кој ќе бараат морална и кривична одговорност.

„Агенцијата за лекови по подолг период се одзва на барањето на дијабетичарите да ги провери инсулините кои се користат во земјава, барем така јавно соопшти директорот на агенцијата, Роберт Бекироски. Тој кажа дека токму оваа вонредна контрола на инсулините била причината, или оправдување, зошто имаме полумесечна криза за инсулин, од кој се зависни 40.000 пациенти. Бараме Агенцијата за лекови детално и јавно да каже што покажа оваа вонредна контрола“, велат членовите на „Баланс МК“.