Бејли: Ставот на САД за Македонија нема да се менува

Сподели

bejli8

Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли утринава имаше свое обраќање во врска со изборите за претседател на САД, каде 45-иот човек кој влезе во Белата куќа е републиканецот Доналд Трамп. Амбасадорот  во говорот посочи дека без оглед на тоа кој е претседател, ставот на САД во однос на Македонија нема да се менува.

„Во мојата кариера 14 години служев за републиканците, 16 години за демократите. Можам да посведочам за предизвиците со кои се соочувавме во изминатиот период, промените нема да се случат веднаш од 8 до 9 ноември. Ниту пак нашите партнертства ќе се променат, промените ќе бидат во рамките на САД. Ставот на САД, поддршката во изминатите 20 години за Македонија останува иста, за успехот на Македонија и нема да се промени“, изјави Бејли.

Амбасадорот нагласи дека бирањето претседател е сериозна работа која влијае на економијата, здравствениот, образовниот систем, емиграцијата и надворешната политика.

„Сите читавме дека ова беа највалканите и најнеизвесните избори до сега, но не сум баш сигурен во тоа. И до сега сме имале неизвесни трки. Никогаш не било полесно од сега да се биде информиран гласач. И со сите овие информации има негативна страна, се шират многу шпекулации. Американските граѓани сакаат свет на мир и можности, затоа после изборниот период е време да се собереме, време да ги тргнеме чуствата на страна и време на патриотизам. Сега треба да се фокусираме на формирање на нова администрација“, рече Бејли.

На крајот Бејли ги поздрави сите кандидати кои се осмелиле да влезат во трката, но и неговите сограѓани кои излегле и го дале својот глас.