Германија денеска соопшти дека преговорите за членство на Турција во Европска Унија ќе бидат завршени ако турската влада одлучи да ја врати смртната казна по неуспешниот државен удар.

– Ние категорички ја отфрламе смртната казна и воведувањето смртна казна би значело крај на преговорите за членство во ЕУ – изјави Стефан Зајберт, портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел.

Зајберт изјави дека ЕУ е заедница на вредности и поради тоа воведувањето смртна казна би значело дека таква земја не може да биде членка на Унијата.

Тој додаде дека Германија и другите земји членки на ЕУ засега ја набљудуваат внатрешната дебата во Турција за повторно воведување на смртната казна, но и дека позицијата на Унијата е јасна.