Така, кога се споменува aлбански службен јазик, иако тоа е реалност која постои веќе долги години, се собираат луѓе и излегуваат на улица и почнуваат да викаат дека јазикот не го давале, а таблите на институциите пред кои тие протестираат одамна се двојазични како што е двојазично и нивното работење, како што се двојазични автобусите со кои тие бесплатно се возат за да одат на тие протести.
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Најпогодениот твит по завршувањето на последната прес-конференција на СЈО беше следниот: “Па нормално дека ја сакале многу државата, во која друга држава би можеле толку многу да украдат?!”
Како Албанка, се сеќавам на сите обвинувања дека во западна Македонија не се плаќа данок, дека Албанците не ја сакаат доволно оваа држава и не се лојални кон неа затоа што сите “статистики”, кои Латас не знам каде ги наоѓаше и ги повторуваше секој ден во своите вести, покажувале дека тие не плаќаат данок. Епа сега сигурно има и Албанци индивидуи кои не плаќаат данок (како и такви кои крадат едно цело училиште или пак цел систем на водовод), ама барем не сме слушнале уште за такви кои обвинуваат цела етничка заедница дека не плаќаат данок и вриштат “патриотизам” од своите медиуми преку кои им ги перат мозоците на голем дел Македонци дека Албанците се опасни за оваа држава, додека пак зад кулисите си ги книжат личните работи, било да е тоа саатот Брајтлинг на Латас или пак долната облека на Ивона, како трошоци на фирмите со кои управуваат за да си го вратат данокот. Ептен патриотски, зарем не?
А трагичното е во тоа што државните институции, посебно Управата за јавни приходи, чие име звучи толку моќно и решително, дозволила да се случи сето тоа. Тоа значи дека, ако сомнежите на СЈО се потврдат, УЈП и другите финансиски институции со несторување го помогнале вршењето на тие дела. А истите институции се многу ефикасни кога некои недоволно јаки патриоти се соочуваат со гневот на власта. Така, токму тие државни институции и токму во оваа време, со добро умислено сторување ги “чешлаат”, сметките на невладините организации кои се најкритични кон досегашниот начин на владеење, небаре проектите на USAID се добиваат така, за “убави очи” и дека притоа, за тие пари не се бара никаков извештај.
Тие кои работеле со такви проекти, и тука мислам најпрвин на државните институции кои најмногу придобиле од тие пари, знаат какви извештаи и административна работа се потребни во кои треба да се образложат и најмалите трошоци, бидејќи се работи за пари на американските даночни обврзници, а Американците, како што веќе знаеме, и за разлика од нас, сериозно си го сфаќаат плаќањето данок. Освен работењето на критично настроените здруженија на граѓани, УЈП и другите финансиски институции богами го “чешлаат” убаво и работењето на “одметнатите” градоначалници, сигурно, заради недостаток на таков “патриотизам” каков што тие бараат. Можеби треба да се преименуваат себеси како Управа за јакнење на “патриотизмот”.
Во каква држава живееме? Дали воопшто истата може да се нарекува држава? Која држава во светот си дозволува да замижи пред затајување на данок од големи размери? Нема ли оваа нашава држава било каков инстинкт на егзистенција и на самоодбрана или пак истиот се јавува само кога таа се соочува со вековната “опасност” која доаѓа од Албанците? Така, кога се споменува aлбански службен јазик, иако тоа е реалност која постои веќе долги години, се собираат луѓе и излегуваат на улица и почнуваат да викаат дека јазикот не го давале, а таблите на институциите пред кои тие протестираат одамна се двојазични како што е двојазично и нивното работење, како што се двојазични автобусите со кои тие бесплатно се возат за да одат на тие протести.
Не го давале јазикот, ама нивните пари кои со мака ги делат за да платата данок (да не бидат како “клетите шиптари” де, кои не плаќаат данок), ги даваат без да помислат што се случува со нив, без да помислат дека тие кои се плаќаат со нивните пари, својот данок си го затајуваат за да добијат уште повеќе пари и уште подолго да ги трујат со невистини околу нивните сограѓани и големата “опасност” која доаѓа од нив. Е браво за таквиот “патриотизам”!
Колумната во целост прочитајте ја тука