Беспоштедната борба со говорот на омраза како причина плус за европеизација на Македонија – Иван Дургутов

Сподели

 

Ivan Durgutov bloger

Умешноста на едно општество не се мери по тоа дали говорот на омраза изобилува или целосно отсуствува, туку по тоа колку даденото општество е агилно во дисциплинирањето на таквиот говор и беспоштедната борба со него.

Здравјето и имунитетот на една демократија се базираат врз вештото ползување на вродените и универзални слободи и права. Во правниот систем на Република Македонија, начелно и декларативно, владее клима на антидискриминационо законодавство, но кога возот на предрасудите еднаш силно ќе тргне, тешко оти некој лесно ќе го сопре. Согласно првиот во хиерархијата на правни акти – Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со уставот, се една од темелните вредности на нашиот уставен поредок. А, токму една од најревносните слободи на човекот, која се јавува и како лична и како политичка слобода, е слободата на изразување.

Можноста непречено јавно да се изрази сопствената мисла е conditio sine qua non на денешната модерна демократија. Нема демократско општество без слобода на изразување, ниту слободата на изразување постои во недемократските општества. Таа претставува вековен стремеж на човештвото, а еднаш издејствувана – за неа велиме дека е скапоцен дар од нашите предци. Нераскинливо поврзана е со борбата за општоприфатените човекови права и симболизира заштитен бедем на особено позитивни вредности во една заедница, како што се вистинитоста, правдата, достоинството на граѓанинот. Историски погледнато, ваквата слобода е синоним за антологиското „војување” на прогресивните дејци со неограничената власт и властодршците кои од позиција на моќ, неа рестриктивно ја толкувале и ограничувале или забранувале.

Слободата на изразување – низ теоријата и реалноста

Изразувањето на сопствените мненија, важи и за идеи кои, на прв поглед, може да шокираат, вознемират и збунат. Но, оваа уставно загарантирана слобода, честопати, знае да се најде во ривалство со други спротивставени концепти и да ги исправи повиканите пред предизвик, да одговорат на прашањето дали претставува апсолут и дозволува ли таа и атак преку заканувачкидискриминирачки и полни со омраза содржини по правата на другиот.

Следејќи ја судската практика на Европскиот суд за човекови права и тамошните воспоставени стандарди, треба да се потенцира, дека слободата на мислата е онаа која е неограничена, додека јавното манифестирање и изразување на таа мисла не се смета за апсолутно слободно и тоа подлежи на извесни ограничувања.

Токму во таа насока, неминовна последица од социјалното живеење, склучениот „општествен договор“ и организираниот поредок, е лимитирањето на слободата на изразување во определени случаи. И ова е така од една единствена причина, именувана како нужен предуслов за овозможување здраво општествено ткиво. Воедно, креирањето функционална површина за коегзистирање и сожителство, со објективна шанса за еднакво остварување на правата на секое лице – сето ова е изводливо и достапно само преку интервенирање на државата онаму каде и кога тоа е потребно.

Пенетрирањето на институционалната извршна структура е видливо со поставувањето оправдани граници при уживањето на слободите и права од страна на човекот. Но, на овој процес не треба да се гледа како на озаконета чизма за репресија, туку како на оној дополнителниот импулс потребен за негување активна клима во која правата доследно ќе се почитуваат.

Основата на филозофијата за заштита, а едновремено и за врамување на слободата при изразувањето, неопходно е да ја постават судските органи, како носители на третиот елемент од јавната власт. Генерално, границите во практикувањето на слободите и правата, гравитираат во меѓупросторот од заштита на целите од поширок интерес (територијалната целовитост, националната безбедност, јавниот ред и мир, заштитата на здравјето) и заштита на индивидуалните права на останатите поединци.

Говор на омраза и медиумско право

Глобализацијата, интернационализацијата и експанзивната миграција кои ѝ се случуваат на денешнината, придонесоа кон отворање на општествата и создавање мултиетнички, мултирасни, мултијазични и мултиконфесионални средини. „Мулти – култи“ концептот го изнесе на виделина проблемот со меѓучовечката нетрпеливост и иако таа не е резултат на најновите човекови откритија, сепак, негативната комуникација која се артикулира преку нетолеранцијата кон инаквоста, доживува кулминација во државите со кревки демократски процеси.

Теоретски, ситуацијата со регулирањето на слободата на изразување изгледа пристојно. Но, значаен проблематичен пункт е говорот на омраза, кој ги надминува посочените граници и започнува се повеќе да претставува не само правна, туку и социолошка, културолошка и образовна енигма. Ставањето акцент и сконцентрираноста на поставување дистинкција помеѓу основното етаблирано право на слобода на изразување и евентуалните надминувања на неговите граници, во насока на негова (зло)употреба за генерирање правно казниво поведение – говор на омраза, е должност на секој од нас со познавања од проблематиката.

Содржински, ова припаѓа во правната област на медиумското право. Како гранка на правото, правото за медиуми ги тангира мас-медиумите и нивните активности. Вистински куриозитет е тоа што, оваа релативно нова правна дисциплина е составена од шаренолик сет одредби кои припаѓаат во рамките на уставното, казненото, граѓанското, па и административното право. Значењето на мултифункционалната ролја која медиумската сфера ја игра и обавува, придонесе кон формирање на овој посебен предмет и негово воведување во курикулумите на светските универзитети. За жал, на најстариот македонски универзитет – УКИМ, тој се јавува само како еден од понудените на универзитетската листа на слободни изборни предмети за прв и втор циклус студии, што е уште еден сигнал зошто состојбата е таква каква што е.

Една од тематските целини со која се занимава медиумското право, е и говорот на омраза, како антипод на слободата на изразување. Како за повеќедимензионален поим, за неговото дефинирање постојат мноштво обиди. Една од порепрезентативните дефиниции е онаа сочинета во една од препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа, која гласи: „Сите облици на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам и други облици на омраза што се темелат на нетолеранција…“.

Bespostednata borba so govorot na omraza kako pricina plus za evropeizacija na MakedonijaИзвор: ResPublica

Актуелен дискурс – постреферендумска атмосфера и улогата на медиумите

Новинарството, ни помалку, ни повеќе, е „седма сила“ и „четврта власт“ во општественото битисување. Информирањето на јавноста, иако навидум едноставен акт, сепак е дејство со комплексно општествено влијание. Ѓаволски во право се тие кои велат дека припадниците на вистинското новинарство, едноставно, мора да персонализираат комбинација од здрав разум, интелект и морал. А, почитта кон различностите и широкоградоста е нешто без кое денес тие не можат да успеат во лансирањето вести и новости, ако тоа се прави на соодветен начин.

Изминатиот референдум, иако по дефиниција е најраспространет облик на непосредно изјаснување на граѓаните за одделни прашања, донесе проблематична процентуална излезеност на избирачите и на површина ги изнесе сите можни контроверзии, со што по којзнае кој пат не увери во исклучителната поларизираност на македонското општество. Целокупниот медиумски простор, а најмногу социјалните мрежи, во овој период, беа буквално бомбардирани, со запалив говор полн со омраза. Реториката на „патриоти и предавници“ која не е никаква новост во овие делови од Европа, овојпат се чини дека уште повеќе, ги отстрани дилемите за моментумот на ниска свест, која владее за последицата од искажаниот или напишаниот збор.

Сите постреферендумски реакции, независно дали доаѓаа од таборот на оние кои решија да се појават на гласачките места и да го кажат својот став во однос на референдумското прашање, или пак од редот на бојкотирачите, за кои на крајот не важеше дека е најлош избор да не избереш воопшто, укажуваат на едно – дека екологијата на духот помеѓу луѓето во нашата татковина е минимална и едвај постоечка.

Неодамнешните изјави за национално помирување, иако е дискутабилно што тоа помирување точно значи, укажуваат на фактот дека како популација мораме да матурираме и да започнеме со прв чекор – санкционирање на говорот на омраза. Насушно потребна е организирана реакција кон ова противправно однесување, кое е многу повеќе од компилација на лоша вокабуларна дијагностика и непристојна реченична конструкција. Оваа деградирачка појава, која прераснува во омилена алатка за комуникација на непотценувачка бројка на наши сограѓани, ја потврдува веќе споменуваната теза. Тоа е дека умешноста на едно општество не се мери по тоа дали говорот на омраза изобилува или целосно отсуствува, туку по тоа колку даденото општество е агилно во дисциплинирањето на таквиот говор и беспоштедната борба со него.

А, во потполно темна соба, макар и свеќа да гори, ќе ни се чини како сонце да свети. Во тој контекст, правната фела ги доживува последните соопштенија од Основното јавно обвинителство во Скопје, како конечно будење на овој државен орган после долгогодишниот сон. Оттаму ја информираа јавноста за поднесени две обвиненија до кривичниот суд. Првото е обвинителен предлог за сторено кривично дело „Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем” – се однесува на ставот 1 од членот 394-г од Кривичниот законик на РМ (една од законските одредба преку која на имплицитен начин се инкриминира говорот на омраза кај нас), а кое дело обвинетиот се товари дека го сторил преку кориснички профил на социјална мрежа. А, второто е обвиненителен предлог за сторено кривично дело „Загрозување на сигурноста”, за квалифицираниот облик на говор на омраза од ставот 4 на членот 144 од Кривичниот законик на РМодносно дело за кое обвинетото лице се товари дека го сторило по пат на информатички систем со упатување закана за сторување на тешко кривично дело..

Од носителите на судски тоги кои ќе треба аргументирано да ги процесуираат поднесените обвиненија, но и будното граѓанство зависи дали конечно ќе се „фатиме во костец“ и ќе го редуцираме постоечкото, високо ниво на присутност на говорот на омраза околу нас.

м-р Иван Дургутов