Бидете внимателни во сообраќајот, да спасиме животи! – Заедничка акција на МВР и РСБСП

Сподели

Заедничка акција на МВР и РСБСП: Бидете внимателни во сообраќајот, да спасиме животи!

Како последица на непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, изминатата 2020 година во Република Северна Македонија, 125 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5774 лица се повредени. Статистиката потврдува дека најголем број од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во летниот период. Минатата година во месец јули 17 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди и 19 во месец август. Минатата година е година со најмал број на жртви во сообраќајот, но се уште таа бројка е висока и може да се намали само со заеднички напори на институциите и граѓаните.

Токму поради тоа, МВР и РСБСП во наредниот период продолжуваат со едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција, се со цел заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.

РСБСП и МВР денеска во Oхрид го најавија почетокот на „Летната кампања 2021“ која ќе се реализира под мотото „Вози одморен“. Целта на летната кампања е подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата преку едукација и подигање на свеста кај возачите за влијанието на високите летни температури и на заморот на способноста за управување на моторно возило.

„Апелирам до возачите да бидат внимателни и концентрирани кога учествуваат во сообраќајот, да не го потценуваат заморот, да патуваат одморени и наспиени и да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење. Сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат фатално. Покрај заморот, брзината и алкохолот се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Токму затоа, денес со помош на таканаречени “пијани наочари“ кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, укажуваме на возачите, со посебен акцент на младите, во услови на здрав разум и трезвена состојба, да увидат какви се нивните способности за управување на моторно возило под дејство на алкохол. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу болни, тешки и ненадоместливи, во сообраќајот нема место за лица под дејство на алкохол, тоа е пораката која што денес ја испраќаме до сите учесници во сообраќајот – изјави Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП по повод почетокот на летната кампања.

Од МВР најавуваат дека покрај превентивните кампањи, продолжуваат и со репресивните мерки.

„Се грижиме за безбедноста на граѓаните, за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. Наша цел е да воведеме повисоко ниво на одговорност и дисциплина во сообраќајот. Во наредниот период ќе бидат реализирани голем број на едукативно превентивни активности, но и сообраќајните контроли продолжуваат континуирано. Важно е граѓаните да знаат дека тука сме за нив, тука сме да ги заштитиме одговорните од неодговорните учесници во сообраќајот. Изминатата ноќ, во Охрид, во периодот од 00 до 03 часот спроведовме засилена контрола за санкционирање на возачи што управуваат возило под дејство на алкохол, при што санкционирани се 28 возачи. Исто така, во текот на вчерашниот ден на територија на цела држава имаме 574 санкции за возење со преголема брзина. Им благодарам на најголемиот број граѓани кои со почитување на правилата и прописите даваат придонес во исполнување на заедничката цел-поголема безбедност на патиштата. Но, апелирам и до останатите граѓани да ни се приклучат и да обезбедиме што е можно побезбедни патишта“, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Летнта кампања ќе се реализира во наредните два месеци на територијата на цела држава.

#ВОЗИОДГОВОРНО!