Биргита Јонсдотир: За револуцијата во политиката, дигиталниот активизам, проектот на создавање на нов Устав заедно со граѓаните

Сподели

Биргита Јонсдотир, поетеса, активистка, анархистка и трократна пратеничка во исландскиот парламент од Пиратската партија, е првиот потврден говорник на овогодинешното, шесто издание на ENGAGE – конференција за друштвени медиуми и активизам.

 

birgitta

На 10 јуни во Кино Култура, таа ќе зборува за револуцијата во политиката, дигиталниот активизам, проектот на создавање на нов Устав заедно со граѓаните на нејзината држава преку веб платформата „Подобар Исланд“, и нејзиното искуство како дел од најголемото протекување на тајни податоци со Викиликс.

Јонсдотир е и директорка на Интернационалниот институт за современи медиуми.

Помогнала да се создадат две политички движења од 2009 година, Граѓанското движење и Пиратската Партија. И двете движења успеале да влезат во исландскиот парламент.

Специјализира во креирање на закони за 21-виот век со фокус на директната демократија, слободата на изразување, информациите и дигиталната приватност. Биргита е и долгогодишен активист. Била волонтер на Викиликс кога се случи едно од најголемите протекувања во човечката историја, кога Челси Менинг достави огромна количина на тајни податоци до Викиликс.

Биргита редовно пишува за весникот Guardian, а ја имаше честа и да биде гостин-уредник на изданието на New Internationalist од јануари 2015, насловено „Демократија во дигиталната ера“.

Пиратската партија тројно се зголеми во последните три години и доби 14,5 проценти од гласовите, и 10 пратеници од вкупно 63 седишта. Партијата е сега трета најголема во Исланд.

Партијата сака да биде „Робин Худ на моќта“: „Ја земаме моќта од моќните и ја даваме на генералната јавност на Исланд. Нашето најсилно оружје се нашите планови да воведеме нов Устав, кој има големи демократски провизии и алатки на граѓанско учество, како веб платформата „Подобар Исланд“, пишуваат во својот опис.

ENGAGE е конференција за друштвени медиуми и активизам организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум. Конференцијата е и платформа која годинава ќе биде посветена на едукација и дискусија на теми поврзани со слободата на изразување,  урбаната и ангажираната уметност, можностите за граѓанска мобилизација и сатирата како начин на протест.

Регистрацијата за ENGAGE 2017 ќе биде отворена на 29 мај.

radiomof.mk