БИТОЛА: СЈО И СУДОВИТЕ ДА СЕ ИЗЈАСНАТ ДАЛИ ТАЛЕСКИ ИМА ПРАВО НА ПОТПИС ОД ПРИТВОР

Сподели

sovet-bitola-860x666

Битолските советници денеска на седница на Совет расправаат за кварталниот извештај за извршување на буџетот за 2016 година потпишан од градоначалникот Владимир Талески. Откако градоначалникот го предложил буџетот, сега од дома бара извештај како тој се извршува, потврдуваат службите на Општина Битола.

Опозициските партии во советот побараа оваа точка да се повлече од дневниот ред и да не се дискутира за неа, се додека не се разјасни дали градоначалникот смее од куќен притвор да потпишува службени документи.

Советничката Габриела Илиевска од ВМРО-НП од Битола побара оваа точка на дневен ред да биде повлечена за 30 дена се додека СЈО и судовите не се изјаснат правно дали градоначалникот има право на потпис од куќен притвор.

Илиевска до Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, Основниот суд Скопје 1, Апелацискиот суд во Скопје и до Законодавно-правната комисија во Собранието испратила барање за давање мислење дали градоначалникот во притвор има право да потпишува службени документи.

– Битола се наоѓа во една страшно лоша состојба. Таа е заложник на еден човек, и затоа барам мислење од овие институции за примената на членот 163 од Законот за кривична постапка. Дали ова лице има право да потпишува документација од дома, дали други лица без дозвола на судија смеат да го посетуваат и да му даваат службени документи на разгледување и потпис – рече Илиевска.

Советникот од СДСМ, Зоран Стојчевски, ситуација со притворениот градоначалник ја опиша со една реченица „се е исто само него го нема“.

Предлогот на опозицијата за се одложи расправата за кварталниот извештај, мнозинството од власта не го прифати.

– Ќе кажам за медиумите, работата на Советот нема допирна точка со правата и надлежностите на други институции – рече претседателката на Советот Силвана Ангелевска.

meta.mk