Бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со коалициските партнери објави дека се прифатени барањата за оставка на министрите за финансии Владислав Горанов, за внатрешни работи Младен Маринов, за економија Емил Караниколов и за туризам Николина Ангелкова, со цел да се смири состојбата со протестите во државата.
Како што пренесува агенцијата БТА, смените во владата доаѓаат во ситуација на секојдневни антивладини протести на илјадници граѓани во Софија и низ целата земја, со кои се бара оставка на владата на Борисов и на јавниот обвинител Иван Гешев и одржување на нови избори, поради корупција на министрите. Разрешените Горанов, Младенов и Караниколов беа посочени од координаторите на партијата ГЕРБ, како блиски до партијата ДПС, поради што пред една недела е побарано да поднесат оставка.
Вицепремиерката Маријана Николова ќе биде и министерка за туризам и ќе ги извршува и двете функции. Директорот на полиција Христо Терзиски ќе го преземе Министерството за внатрешни работи, како наследник на Маринов, а Лачезар Борисов, кој моментно е заменик министер за економија, ќе ја заземе функцијата на Караниколов. Кирил Ананиев ќе го предводи Министерството за финансии, на местото на Горанов. За министер за здравство ќе биде именуван Костадин Ангелов, кој е директор на Александровската болница.
Бугарската влада пред два дена го преживеа гласањето за недоверба кое го бараше опозициската Бугарска социјалистичка партија, со обвинување дека владата на Борисов не успеала да ја искорени ендемската корупција, што е причината за повеќедневни масовни протести низ целата земја.