Велика Британија денеска добива нова премиерка, Тереза Меј, која ќе го наследи Дејвид Камерон, кој, пак, најави оставка откако на референдумот на 23 јуни Британците се изјаснија за излез од Европската Унија.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека очекува што побрзо излегување на Британија од Унијата и активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, откако Меј ќе ја преземе функцијата.
– Референдумот го спроведоа Британците, а не ние, затоа не гледам зошто би требало да имаме план – рече Меркел.
Британските медиуми наведуваат дека Меј е „единствената личност способна да ги обедини спротивставените табори во Конзервативната партија“, а таа сама се пофали дека е единствената личност која е способна за огромните задачи со кои ќе се носи идниот британски премиер.