Екс директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова Бухова преку пишан допис до медиумите излезе со реакција по предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност на собраниската Анкетна комисија за случајот со Онкологија.
“Како поранешен директор на ДЗСИ, најостро реагирам на предлог заклучоците за моја политичка одговорност на Анкетната комисија при Собранието за случајот со онкологија. ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително во рамки на инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции. Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација”, стои во реакцијата на на Ирина Сотирова Бухова.