Демократската унија на Албанците на седницата на Централното претседателство, доцна синоќа одлучи да учествува во новата Влада предводена од СДСМ, изјави портпаролот Бујар Османи.
– ДУИ одлучи да ја почитува волјата на граѓаните и да учествува во владата. Бараме Иванов да го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев – рече Османи во текот на состанокот на Централното претседателство на ДУИ во партиското седиште во Мала Речица.
Според него, таква е волјата на мнозинството Албанци во Македонија. Османи рече дека ДУИ останува посветена на точките од Декларацијата на Албанците, за која нагласи дека е потпишана во Скопје. Тој рече и дека Декларацијата, односно платформата, не го загрозува унитарниот карактер на државата и не отстапува од Уставот и Охридскиот рамковен договор.