ЧАРЛС ГАРЕТ: ВЕРОДОСТОЈНИ ИЗБОРИ СЕ ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Сподели

garet

Политичката криза во Македонија е длабока и комплексна, таа произлегува од проблемите во функционирањето на демократијата и владеењето на правото и како таква не може да се реши преку ноќ, оценува британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет, во интервју за „Призма“.

„Ќе бидат потребни месеци, а можеби и години за да се средат работите. Изборите ќе бидат крај на една фаза во тој процес и ќе бидат многу полезни. Веродостојни избори на 11 декември би биле добар чекор кон враќањето на Македонија таму каде што треба да биде“, вели Гарет.

Британскиот амбасадор изразува надеж дека изборите ќе се одржат во декември, бидејќи постојаното одложување создава несигурност и ја храни конфузијата.

– Она што е јасно е дека четирите партиски лидери го договорија датумот за изборите. Се согласија дека условите за нив се исполнети. Сите рекоа дека сакаат избори, така што јас искрено се надевам дека тоа и ќе се случи, затоа што мислам дека е мошне штетно за земјата да продолжи циклусот на постојано одложување – вели Гарет.

Според амбасадорот, клучот за решавањето на политичката криза во Македонија е во откривањето и во преземањето одговорност за тоа што произлегува од прислушуваните разговори, како сомнеж за изборни измами, злоупотреба на власта, можна корупција и други криминални дејства.

– Истражувањето на тие наводи и утврдувањето дали нешто има во нив или не и дали има потреба од судска разврска е исклучително важен момент. На тоа мислам кога велам дека е неопходна одговорност. Тоа е од суштинско значење. Без тоа не е можно одржливо решение на кризата. Верувам дека доколку се покаже оти Специјалното обвинителство има тешкотии да го направи она што треба да го стори, тогаш поддршката на политичкиот естаблишмент треба да се прошири и на наоѓање начини да им се овозможи да ја остварат својата цел. Тоа може да вклучува проширување на мандатот, промена на овој или оној закон. Тоа не е на мене да одлучувам. На крајот на денот тоа е нешто за што решаваат политичкото раководство и парламентот – вели Гарет.

Британскиот амбасадор сепак смета дека е рано да се расправа за специјално судско одделение или специјален суд. Тој смета дека треба да се обезбеди постојните системи да функционираат ефикасно, наместо веднаш да се бараат алтернативи како тоа да се направи на посебен начин.