Честит Националниот ден на Власите

Сподели

 

На овој ден, на 23 Мај во 1905 година турскиот султан Абдул Хамид II преку империјален декрет (ираде/проглас) ги призна Власите како посебен етникум со право да избираат свои муктари/градоначалници, да организраат образование и да вршат богослужба во црквите на влашки јазик на целата територија на Отоманската империја.

Власите во сите држави каде што живееле дале голем интелектуален и уметнички придонес. Влашката заедница низ историјата оставила голема трага во градењето на македонската држава.

Многу Власи учествувале во ослободителните борби заедно со македонскиот народ. Опеаните херои во македонските народни песни војводата Питу Гули, нарoдните херои Елпида Караманди, Таки Даскалот и многу други рамо до рамо се бореле со своите сограѓани Македонци за слобода на својата татковина. На новогодишната прослава во 1942 година во куќата на познатиот Влав/партизан Сотир Шута,  во Струга за првпат е испеана македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“.  Еден од најпознатите пејачи на Балканот и пошироко Тоше Проески со своите настапи ширум светот успешно и со задоволство ја промовираше македонската песна и држава.  Голем придонес во градењето на македонската уметност во XX век дал уште еден познат Влав, уметник и академик, Никола Мартиноски со потекло од Крушево. Уште една значајна личност за историјата со потекло од Крушево е и Никола Бацарија кој во 1913 година во име на Отоманската империја, како тогашен министер го потпишал Лондонскиот мировен договор со кој бил ставен крај на првата Балканска војна. Од македонските преродбеници, писател и поет, припадник на влашката заедница бил и Рајко Жинзифов, роден во Велес.

За балканската кинематографија придонеле браќата Милтон и Јанаки Манаки. Додека, за европската историја голем придонес дало познатото влашко банкарско семејство во Австро-Унгарија, Сина, со потекло од Москополе. Семејството Сина ја финансирало изградбата на Ланчениот мост во Будимпешта едно од обележјата на главниот град на Република Унгарија. Членови на фамилијата Сина со дозвола од австроунгарскиот император Франц ја добиле титулата барон. 

Денес Власите исто како и своите предци се лојални граѓани на својата татковина, создаваат и работат за нејзините интереси и се нераскинлив дел од македонската нација.

Нека е честит Националниот ден на Власите.

(фото и текст)