Честитка од претседателот Пендаровски по повод празникот Свети Сава

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија.

“Дозволете да ви го честитам Свети Сава ‒ Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија и да ви посакам празникот да го поминете во мир, радост, среќа и благосостојба. Со својата духовна и просветителска дејност, Свети Сава остави трајно наследство меѓу својот српски народ, но се здоби со почит и слава меѓу сите христијани на Балканскиот Полуостров. Неговото житие е пример за верба, посветеност и истрајност од кој генерации и генерации негови следбеници наоѓаат инспирација за исполнет и достоинствен живот.

Вие, припадниците на српската заедница, со своите традиции и обичаи, историја и култура сте неотуѓив сегмент од севкупното културно и општествено живеење во нашата земја. Ја користам оваа честитка да ви се заблагодарам за сиот придонес во градењето на меѓусебно разбирање и соживот како влог во изградбата на модерна и просперитетна Република Северна Македонија. Да продолжиме максимално да работиме на развојот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите нејзини граѓани.

Нека е честит 27 јануари, Денот на Свети Сава” – честиташе претседателот Стево Пендаровски.