Ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица, четири бебиња во инкубатори починале на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, потврдија од Министерство за здравство, нагласувајќи дека дежурната докторка таа вечер е суспендирана, а била формирана и комисија за да го истражи случајот. Нејзиниот конечен заклучок се очекува денеска.
Според соопштението, четирите новороденчиња биле или предвремено родени или имале посериозни проблеми и застој во растот.
„Веднаш по добивање на информацијата, Министерството за здравство формираше комисија за стручен надзор и времено е суспендирана докторката, која била на дежурство таа вечер, се до донесување конечен заклучок на Комисијата за стручен надзор, кој се очекува да биде готов во текот на денешниот ден. Исто така, денеска инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат вонреден надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство, по што јавноста ќе биде информирана за донесените мерки за унапредување на работата во оваа јавна здравствена установа“, се вели во соопштението.
Како што појаснија, едното бебе било родено во 25-та гестациска недела, второто во 27-та недела и имало сериозни невролошки проблеми и проблеми со некои органи, додека другите две биле родени во 29-та недела, од кои едното со претходно утврден застој во растот во матката, а другото со предвремено прснат воденик и бактерија кај мајката.
Од Министерството за здравство велат дека се работи на изготвување стратегија за подобрување на состојбите на Клиникатата за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.